Османи: Во првите неколку дена над 25000 лица се самопопишани

фото: МИА

Според информациите кои ги имаме пописот се одвива тековно, има заинтересираност кај нашето нерезидентно население да се самопопишува. Во првите неколку дена над 25000 се самопопишани, но сметавме дека верските заедници може да одиграат важна улога во овој процес, прво затоа што покрај нашата дипломатско конзуларна мрежа која е максимално ангажирана во информирање на нашата дијаспора за овој процес, за техничките аспекти на процесот на самопопишување, верските заедници имаат широка мрежа на распространетост или покривање и тие се присутни на сите континенти. Нашата дијаспора во значителен број е организирана и од верски организации.

Ова денеска го истакна министерот за надворешни работи Бујар Османи по средбата со лидерите на трите најголеми верски заедници во државава, на која присуствуваа директорот на Државниот завод за статистика, Апостол Симовски и директорот на Агенцијата за иселеништво, Слободан Близнаковски.

Тема на средбата бил текот и активностите на спроведувањето на Пописот 2021, кој од 1 март почна да се спроведува за неколку категории државјани на Република Северна Македонија, меѓу кои и за дијаспората.

– Знаете дека портфолиото дијаспора е во МНР и за мене овој процес е многу важен покрај интересот на државата да го попишува нерезидентното население како дел од целиот процес на попис. Од исклучително значење за нас како Министерство е да имаме точни податоци за нашите иселеници во светот, односно нашето нерезидентно население за да може да ги доближиме услугите до граѓаните и да креираме подолгорочни политики за спречување на натамошната имиграција. Денеска од тројцата лидери на верските заедници добивме силна поддршка на овој процес со силни пораки кои ќе ги пратат преку својата мрежа до верниците, до иселениците за потребата од самопопишување како најдобриот начин за добивање точни податоци за нашите граѓани таму, рече Османи.

Според него, конструктивната дебата која ја имале денеска ќе даде значителен поттик за продолжување на овој процес со уште поголема динамика. Бројките, посочи, се оптимистички по однос на одѕивот на граѓаните за самопопишување, 25000 за неколку дена.

Пред нас се уште дополнителни 45 дена и доколку сите се ангажираме верски заедници, државни институции, медиуми, секој информирајќи ги своите членови од семејството кои се надвор за овој процес мислам дека ќе имаме историска слика за нашата дијаспора и тоа ќе даде значителен импакт во подготвувањето на нашите политики кон дијаспората што ќе има значење и за луѓето тука и тие што се надвор, додаде Османи.

Симовски рече дека секоја позитивна порака за населението да се вклучи во овој процес е добродојдена. Многу сум среќен што најдовме на големо разбирање кај претставниците од сите три најголеми верски заедници во државата. Нивната помош ќе ни биде драгоцена и сум убеден дека ќе биде онаа позитивна порака која на сите нам ни треба. Ова го работиме во интерес на сите и секоја помош ќе ни биде добродојдена.

Близнаковски истакна дека дава целосна поддршка на оваа операција, која смета дека не треба да биде политичка туку да се сфати како статистичка операција.

– Воедно ги повикувам сите иселеници да го искористат своето право преку апликацијата да се попишат. Во Агенцијата за иселеништво стоиме на располагање на сите иселеници за да им помогнеме доколку наидат на некаков проблем при попишувањето, додаде Близнаковски

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот