Хрватски Сабор: Задолжително со маска од денеска на седница

Фото: hr.n1info.com

Хрватскиот Парламент, по едномесечна летна пауза, од денеска повторно работи, а на вонредната седница свикана на барање на Владата е долгоочекуваниот Закон за обнова на Загреб по земјотресот во март.

Претседателот на Саборот, Гордан Јандроковиќ претходно ги објави мерките што пратениците ќе мора да ги почитуваат за да се спречи ширењето на коронавирусот. Меѓу нив и задолжителното носење на маска во салата додека болните и оние кои во самоизолација ќе може да гласаат од далечина.

За разлика од досега, кога носењето маска во салата беше препорака, од денеска тоа е обврска, а кој не се придржува до тоа ќе биде протеран од седницата, пренесоа хрватските медиуми. Доколку, пак, некој од пратениците одбие да стави маската, Јандроковиќ рече дека е договорено претседавачот прво да го предупреди лицето да ја стави маската, а доколку не го стори тоа, ќе биде побарано да ја напушти седницата.

– Ако и после тоа одбие, ќе дадеме предупредување со исклучување за тој ден, ќе направиме пауза и ќе побараме од обезбедувањето да го изнесе тоа лице од салата, рече Јандроковиќ.

Новина е што ќе се активира можноста за електронско гласање на пратеници од нивните домови, доколку се болни или во самоизолација. Според Јандроковиќ, за тоа ќе се погрижи Информативната служба на парламентот.

Тие ќе гласаат преку видео врска, но ќе треба да приложат потврда за болест или да имаат решение за самоизолација.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот