Хрватската мис проговори за тешката болест со која се бори шест месеци
Поранешната мис Нина Бојановиќ ги откри деталите од нејзината голема борба со здравствените проблеми поради кои двапати била во индуцирана кома и двапати на респиратор.
Имено, Нина Бојановиќ изминативе шест месеци води борба со епилепсија, која ѝ го промени животот.
Во 2020 година, младата манекенка победи на натпреварот „Мис супранационал“ на Хрватска, а потоа почнаа и здравствените компликации за кои таа јавно проговори.
Пред шест месеци ѝ била дијагностицирана епилепсија, поради која поголемиот дел од времето го поминува во болница. Двапати била во индуцирана кома и двапати на респиратор, а сѐ за да не добие срцев или мозочен удар.
– Тешко ми е, не се справувам добро со тоа во моментов бидејќи тоа е нешто ново за мене. Се обидувам да застанам на нозе и психички, и физички, со помош на семејството и лекарите – изјавила Нина за „Глас Подравине“.
Лекарите сѐ уште не знаат што се случува со неа бидејќи нејзините напади се сѐ почести и траат долго.
– Епилепсијата ме уништи во многу области од мојот живот. Не можам да излезам како сите мои врснички, укината ми е возачката дозвола, како и некои работи за кои сонував. Од времето поминато во затворено, во болница, имам страв да излезам надвор затоа што добивам напад на паника или анксиозност – раскажала поранешната мис и додала:
– Сфатив дека убавината и парите не значат ништо бидејќи ништо не е поважно од здравјето и семејството. Се занимавав со манекенство, па дури станав и „Мис супранационал“ на Хрватска, но искрено ќе кажам дека тој избор не ми требаше – рекла убавата Нина.
Нина ја освои титулата мис на 18 години, а денес има 20 години и води сериозна битка за своето здравје.