Хрватска: Тинејџер се преправал дека е жена за да тепа и ограбува Индијци

Хрватска полиција /Фото: МИА

Невообичаен и загрижувачки случај деновиве ја преокупира хрватската јавност – загрепската полиција соопшти дека спровела кривична истрага против малолетен жител на градот, кој е осомничен за разбојништво и за две кривични дела нанесување тешки телесни повреди.

Едно од овие злосторства било обид за нанесување тешки телесни повреди на штета на двајца индиски државјани, јавуваат локалните медиуми.

– Постои сомневање дека осомничениот преку мобилна апликација на 5 октомври во попладневните часови договорил средба со двајца странски државјани, претставувајќи се со женско име. Според договорот, оштетените вечерта со такси дошле на наведената адреса во месноста Сесвете, каде што осомничениот дошол заедно со уште две лица со намера тешко да ги повреди. Тие биле нападнати прво вербално, а потоа и физички со раце и нозе, додека еден од напаѓачите имал метална палка со која удирал. На крајот го украле мобилниот телефон и побегнале – соопшти полицијата.

Тинејџерот е осомничен и дека заедно со уште пет непознати машки лица, сториле кривично дело закана и оштетување туѓи имоти – тие на 4 октомври во утринските часови преку мобилна апликација, и во тој случај претставувајќи се како жена, договориле средба со маж. Кога оштетениот истиот ден во вечерните часови пристигнал на договорената адреса во околината на Загреб, по краток разговор се упатил кон возилото во кое дошол со намера да замине. Но, кога влегол внатре, насилниците му ја оштетиле вратата, хаубата, го откорнале ретровизорот и го скршиле предното ветробранско стакло на возилото. За тоа време, осомничениот малолетник му се заканувал на човекот со лажен пиштол сличен на вистински, поради што жртвата стравувала за својата безбедност и живот, велат од полицијата.

По завршувањето на кривичната истрага, малолетникот во законскиот рок завршил во притвор, а посебен извештај е поднесен до општинскиот кривичен државен обвинител за млади во Загреб.

Кривичната истрага продолжува со цел пронаоѓање на други осомничени, се додава во полициското соопштение.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот