Хрватска откри забранет пестицид во македонски пиперки, секое предупредување од РАСФФ нè става во ризични земји

Фото: Unsplash

Земјоделски експерти за „Слободен печат“ велат дека ова не е прв ваков случај, а нема да биде и последен, а е последица од сериозните дефекти во Законот за фитофармација. И не само што сериозно се загрозува здравјето на граѓаните, туку и ги одбива сите потенцијални увозници на зеленчук или овошје од нашата земја

Веста дека забранет токсичен пестицид е откриен во македонски пиперки што требало да бидат увезени во Хрватска, која ја објави Европскиот систем за брзо предупредување во прометот на храна (РАСФФ), не ги чуди земјоделските експерти со кои контактираше „Слободен печат“. Тие сметаат дека ова не е прв ваков случај, а нема да биде и последен, а е последица од сериозните дефекти во Законот за фитофармација. Истите извори брифираат дека на овој начин не само што сериозно се загрозува здравјето на граѓаните, туку и ги одбива сите оние што имале потенцијална намера да увезуваат зеленчук или овошје од нашата земја. Најжешкото прашање, според нашите извори, е кој ги советува и им продава заштитни средства на нашите земјоделци во аптеките и дали биотехнолозите, хемиските техничари или биохемичарите што работат во нив, се подобро едуцирани од агрономите?

– Системот РАСФФ го гледаат сите потенцијални увозници, но и странски експерти. Ова дава лоша слика за македонското земјоделство, бидејќи нè става во ризичните земји – велат нашите извори.

Европскиот систем за предупредување објави дека „остатоци од пестицидот форметанат се откриени во пиперки од Северна Македонија. Ризикот е сериозен“, стои во известувањето од 20 септември. Земјата што го пријавила случајот е Хрватска. Случајот го откриле граничните служби, а на контингентот му е „дозволено да патува до дестинацијата под царинска пломба“. Форметанатот важи за исклучително делотворен инсектицид, кој се користи во производството на овошје и зеленчук.

Многу земји и натаму го користат, но е забранет на територијата на ЕУ поради сомнежи дека може да влијае врз здравјето на луѓето. Форметанатот е високо акутно токсичен доколку влезе во организмот по орален пат, умерено токсичен е ако се вдише, а има ниска акутна токсичност ако дојде во контакт со кожата. Многу научни студии докажаа дека форметанатот може да биде токсичен преку инхибиција на холинестеразата. Активноста на холинестеразата е примарно одредена кај заболувања на црниот дроб, сомнително труење со пестициди и атипична форма на ензимот. Клиничките знаци по акутна и хронична изложеност на форметанат кај стаорци беа намалена телесна тежина, а кај кучињата прекумерна саливација, отежнато дишење, отежнато дишење, тремор, повраќање, кашлање и абнормална тишина. Беше заклучено дека пестицидот форметанат е потенцијално невротоксичен токму поради неговата способност да ја инхибира холинестеразата.

Земјоделските експерти предупредуваат дека е посебно значајно да се воведе и да се развие мониторинг на следење на здравствената состојба на растенијата на територијата на државата, за да можат земјоделците да добиваат брзи и прецизни информации.

– На пример кога се исполнети условите за појава на некоја болест или штетник, точно кога да се прска со некој пестицид, против која болест или штетник, во какви дози и со кој препарат што е дозволен во Европската Унија и е на таканаречената зелена листа на дозволени пестициди и слично. Ваквиот интегриран систем е еден од основните услови со кој реално ќе се гарантира квалитетот на производите и заштитата на здравјето на потрошувачите на пазарите каде што ќе извезуваме, но и на домашните потрошувачи – брифираат нашите извори.

ЕУ ќе ја намали употребата на пестициди за 50 отсто до 2030 година

Во летото 2022 година, Европската комисија претстави предлог законодавство што, меѓу другото, овозможува намалување на употребата и ризикот од хемиски пестициди до 50 проценти до 2030 година. Тој беше пречекан со отпор од неколку земји членки на ЕУ.

Сара Винер, пратеничка во Европскиот парламент од групата на Зелените, повика на поостри правила во спорот околу значителното намалување на пестицидите во европското земјоделство. Во еден извештај таа предлага повеќе даноци за пестициди, поголемо намалување на особено опасните пестициди, како и компромиси за целосна забрана на хемикалии во многу чувствителни области.

На пример, Винер предлага во забраната да има исклучоци за органски пестициди. Во меѓувреме, Хрватска се сложи со новите правила, словенечките земјоделци, кои излегоа на масовен протест на крајот на март, побараа од владата да ја отфрли регулативата, а во Германија, предлогот ги извади земјоделците на улица, каде што протестираа со околу 200 трактори во Бон. Српскиот список на дозволени препарати не е сè уште 100 проценти усогласен со ЕУ, но секоја година одреден број препарати се бришат од него.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот