Хрватска на чекор поблиску до еврото

Хрватска евро/ Фото Andrzej Rostek / Alamy / Alamy / Profimedia

Хрватска се приближи до целосно усвојување на еврото, откако владата ги усвои историските планови за промена на валутата, пишува „Еуроњуз“. Загреб го донесе својот прв буџет во заедничката европска валута, пред официјалниот влез во еврозоната на 1 јануари 2023 година.

„Воведувањето на еврото ќе ја зајакне нашата економија, ќе биде сидро на стабилноста, ќе нѐ направи поотпорни и заштитени од надворешни шокови и кризи и ќе придонесе за подобрување на инвестициската клима“, изјави министерот за финансии Марко Приморац.

Еврозоната е група од 19 земји-членки на ЕУ, првенствено во западна и јужна Европа, заедно со Балтикот, кои го користат еврото како своја валута. Република Хрватска ќе биде нејзината најнова членка.

Овој прв од ваков вид буџет пресметан во евро беше усвоен со 77 гласа „за“ и 50 „против“ од страна на 151-члениот парламент во Загреб. Со буџетот се предвидува дека хрватската економија ќе порасне за 0,7 отсто во 2023 година, при што владата ќе има дефицит од 2,3 отсто од бруто домашниот производ (БДП). Дефицитот се јавува кога владата троши повеќе отколку што добива во данок, додека БДП ја мери вредноста на стоките и услугите произведени во една земја.

Во јули, министрите за финансии на ЕУ формално се согласија да ја примат Хрватска како 20-та членка на еврозоната, што беше поздравено како кулминација на „неверојатното патување“ за една земја која некогаш била во војна.

Премиерот Андреј Пленковиќ рече дека буџетот има за цел да ги ублажи ефектите од економската криза предизвикана од украинската војна, да го одржи растот и да ја зачува социјалната стабилност.

Економскиот раст од 5,7% што се очекува оваа година се предвидува да се намали на 0,7% во 2023 година, додека јавниот долг е таргетиран да се намали на 67,9% од БДП од 70,2% оваа година.

Се очекува владините приходи да бидат 24,9 милијарди евра во новиот буџет – 9% повеќе од 2022 година. Овие дополнителни пари треба да се соберат преку директно и индиректно оданочување. Пратениците од опозицијата предложија 430 амандмани на буџетот, но владата прифати само 10.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот