Хронологија на убивањето на рускиот спорт, клучната улога во рацете на Американец

твитер

Светската анти-допинг агенција (ВАДА) и изрече четиригодишна забрана на Русија за учество на најголемите спортски манифестации по одржаната седница на Извршниот комитет на Агенцијата во Лозана.

Русија доби забрана за настап на ЛОИ 2020 и ЗОИ 2022 и сите светски првенства до 2023 година, иако фудбалерите доколку се квалификуваат за Мундијалот во Катар ќе мора да играат под друго име.

За западниот свет, допингот е во „природата“ на рускиот спорт, досега се одземени дури 43 олимписки медали на руските спортисти поради непочитување на анти допинг правилата, највеќе во историјата на спортот на било која друга држава.

Допинг скандалите во Русија влечат корења дури од 1980 година и Олимписките игри кои се одржаа во Москва.

„Тешко е дека некој освојувач на медал на ОИ во Москва, сигурно не освојувач на златен медал, кој на некој начин не бил допингуван. Игрите во Москва би можеле да добијат и друго име „хемиски игри“, стои во австралиска студија направена уште во 1989 година.

твитер

Во друг документ кој е објавен во 2016 година е откриено дека поранешниот СССР подготвувал ширење на допинг системот низ целата држава за време на подготовките за ОИ во Лос Анџелес 1984 година, на кои поради политички игри на крајот не настапија.

Во трет извештај се зборува дека во периодот од 2001 го 2009 година биле земени 7.289 примероци крв од 2.737 спортисти и бројот на сомнителни примероци од „државата А“ ги надминува сите други држави. Еден од авторите на извештајот тврди дека „државата А“ е токму Русија.

Сепак, иако постојано беше обвинувана за системски допинг, во последните пет години Русија е во центарот на борбата против допингот. За овие пет години се спроведени голем број на истраги, многу спортисти се најдоа на столбот на срамот, а заташкувањето на допингот се правеше на разни начини.

Бурниот период за Русија започна во 2014 година кога Сочи беше организатор на Зимските ОИ. Очекувано, Игрите ги отвори рускиот претседател Владимир Путин, бидејќи тоа беше прв пат Русија да организира ОИ по распадот на СССР во 1991 година. На Игрите во Сочи, руските спортисти изненадија и освоија двојно повеќе медали од претходните Игри во Ванкувер 2010 година.

На крајот од 2014 година, германската државна телевизија АРД објави прилог во кој ја обвинува Русија за системски допинг и за корупција. Во прилогот беа објавени наводите на директорт на руската анти-допинг (РУСАДА) агенција, Виталиј Степанов и неговата сопруга Јулија, поранешна атлетичарка која е суспендирана поради допинг.

твитер

Веќе наредната година, во ноември, поранешниот директор на ВАДА, Дик Паунд ја прогласи РУСАДА за некомпетентна и ги затвори сите национални лаборатории за допинг тестови, а уште тогаш предложи на Русија да и се забрани учество на меѓународни натпреварувања.
Само неколку денови по неговата објава, Светската атлетска федерација (ИААФ) ја суспендија Русија и таа суспензија и до денешен ден е важечка.

Во 2016 година, весникот „Њујорк тајмс“ објави исповед на директорот на антидопинг лабораторијата во Москва, Григориј Родченков, кој призна дека „нечистите“ примероци на урина ги менувал со „чисти“ и дека тоа бил државен проект пред Игрите во 2014 година.

Во подоцнежната истрага која ја спроведе канадскиот адвокат Ричард Мекларен беа открине неколку стотици заташкани случаи, по што Интернационалниот олимписки комитет почна со повторно тестирање на примероците од Игрите во Пекинг (2008) и во Лондон (2012).

твитер

Но, и покрај тоа, Русија учествуваше на ОИ во Рио де Жанеиро 2016 година, но со намален број на спортисти откако десетина не успеаја да ги верификуваат своите тестирања. ИОК иако се противеше на целосна забрана за Русија, сепак беше суспендирана целата репрезентација во кревање товар, додека во атлетските дисциплини имаше само една спортистка, Дарија Клишина. Причината е бидејќи таа се подготвуваше во САД и ги мина допинг тестовите во таа земја по што и беше дозволен настап на Игрите во Рио. И со ослабен состав, Русија на крајот од Игрите беше на четвртото место на листата на освојувачи на медали.

ИААФ наредната година дозволи дури 19 руски атлетичари да настапат на СП, а кога Марија Ласитскене го освои златниот медал во скок во височина, не беше интонирана руската химна.

Поради големиот број на докази за системски државен допинг, ИОК ја суспендира Русија од Зимските ОИ во Пјонгчанг, а на „чистите“ руски спортисти им дозволи да се натпреваруваат како „Олимпијци од Русија“ без државно знаме и химна. За време на Игрите во Пјонгчанг, двајца руски спортисти Александар Кушелнитски и Надежда Сергеева беа позитивни на допинг тестот, а со проверката на старите примероци се зголеми и бројката на Руси на кои им беа одземени медали, така без медали останаа и атлетичарите Дарија Пишчалникова, Евгенија Колодко, кревачот на товар Александар Иванов, возачите на боб Алексеј Воевода и Александар Зубков…

Во септември минатата година, ВАДА и ја обнови лиценцата на РУСАДА но под еден услов, да и бидат предадени сите податоци и примероци од московските лаборатории. Русија не го испочитува рокот, но во јануари годинава конечно го исполни условот на ВАДА која потврди дека било манипулирано со податоците и РУСАДА повторно остана без лиценца.

Клучната улога во „бришењето“ на Русија од сите спортски настани во наредните четири години ја одигра Тревис Тајгард, адвокат и директор на Американската антидопинг агенција (УСАДА). Еден од најголемите случаи поврзани со допинг на кои работеше Тајгарт беше случајот со седумкратниот победник на Тур де Франс, Ленс Армстронг.

фото: usada.com

Тој постојано се сомневаше дека Армстронг не е „чист“ во триумфите на најпозната велосипедска трка и во 2012 година успеа да докаже дека Американецот се допингувал по што му беа одземени сите одличја од 1998 година па наваму.

Тајгард кој во 2002 година се вработи во УСАДА беше најгласниот во тоа на Русија да и се забрани учество на меѓународни натпреварувања.
– Владата мора да биде строга и да наметне целосно ограничување на руските спортисти на Олимписките игри. Само така ќе и се привлече вниманието на Русија – зборуваше Тајгарт.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот