Христовски ќе ја чека официјално одлуката па ќе каже дали ќе се откаже од директорското место во АНБ
Директорот на Агенцијата за национална безбедност, Бојан Христовски ќе чека формално да ја добие одлуката на Наставно научниот совет дека е избран за асистент на Факултетот за безбедност па потоа ќе каже дали ќе се откаже од директорското место на АНБ.
– Сè уште не сум формално известен за евентуалната одлука на Наставно-научниот совет. Штом бидам известен, ќе ве информирам – вели Христовски во изјава за „Слободен печат“ на нашето прашање дали ќе се откаже од директорската функција ако избере да работи како асистент.
Од Факултетот за безбедност на нашето прашање дали сега Христовски треба да се откаже од директорското место, нè упатија да се обратиме до Христовски.
Според законските прецедури, ако Христовски сака да биде асистент на Факултетот за безбедност треба да се откаже од директорското место во АНБ, да даде отказ од Министерството за внатрешни работи каде што работното место му е во мирување и да заснова нов работен однос со Факултетот за беабедност.
Всушност неговиот избор за асистент треба да заврши со засновање на работен однос до крајот на оваа година. Кога беше избран за директор на АНБ, тој беше вработен во МВР, а со решението за именување, неговиот работен однос тој го ставил во мирување.
Со оглед на тоа дека Владата го именуваше со решение, ако одлучи да биде асистент, Владата треба да донесе решение за негово разрешување.
За да заснова работен однос со Факултетот за безбедност како асистент, тој во Министерството за внатрешни работи треба да однесе решение за престанок на мандатот на директорското место и да го одмрзне мирувањето на работниот однос. Потоа треба да даде отказ од МВР и да заснова работен однос на факултетот.
Инаку, Христовски вчера на седница на Наставно-научниот совет на Факултетот за безбедност беше избран за асистент на научната област Криминалистички науки.