Христина Младеновска: Настрана од килограмите, кривиот нос и големите уши, дефинирајте ја својата вредност погледнувајќи подлабоко во себе!

Самоприфаќањето е долг и непријатен процес, низ кој ќе треба да се одговори на многу непријатни прашања, вели Христина Младеновска, промотoрка на позитивниот став кон телото.

Христина Младеновска, позната како Кика Авеиро, е млада скопјанка која на социјалните мрежи го разбранува морето на прашања, а особено на давање одговори, преку сопствената „слика и прилика“, свесност и разумност, за заземање на позитивен став кон сопственото тело, за сакањето и почитување на себеси и за тоа како да се зајакне самодовербата.

Оваа убава девојка објаснува што навистина значи да се биде убава жена.

Изгледот е неважен и не треба да влијае на тоа како го живееме својот живот. Фото – Ирина Крстевска

Што е за тебе убавина?  

– Убавината е субјективна, она што за мене е убаво, за некого нема да биде, и обратно. Ова е особено точно кога станува збор за надворешната убавина. Општеството ѝ дава преголемо значење на оваа убавина и покрај тоа што таа не зависи од нас. Или си добил на генетската лотарија, па си се родил со гени што го направиле твоето лице да се поклопува со она што општеството го наметнало за убаво или зависи од докторите што си ги платил за козметичка интервенција, со намера да се вклопиш во општествените стандарди. Сè друго, сите шминки, третмани и така натаму, се само привремено зголемување на таа надворешна убавина. Сите сме различни и во ред е нашето лице или тело да не се вклопува во овие општествени стандарди. Има една многу поважна убавина, а тоа е внатрешната убавина. Е оваа убавина е многу потешко да се достигне, но доброто е што врз оваа убавина имаме целосна контрола. Ние одлучуваме дали ќе ја имаме или не. Ние одлучуваме дали кога некој друг ќе погледне под површината ќе најде убавина или грдотија. Восхитот кон надворешната убавина кратко трае ако ја немаш внатрешната. За мене е многу поважно дали душата ти е убава, дали си пред сè добар човек, дали правиш добро или лошо за луѓето околу тебе, дали даваш поддршка или шириш омраза, дали го движиш општеството нанапред или наназад.

Зборувајќи за убавината, го промовираш позитивниот став на жените кон сопственото тело, обидувајќи се да ги надминеш стереотипите за поимот женска убавина. Кога се вели „боди позитив“ (позитивен став кон телото), на што помислуваш?

– „Боди позитивити“ движењето е создадено да пркоси на самоомразата, која директно или индиректно ни ја наметнува општеството. Огромен број бизниси и медиуми со години наназад буткаат еден наратив на недостижен, совршен изглед, со чија помош ни ги продаваат своите производи. „Купи го нашиот производ и ќе бидеш убава, ќе бидеш среќна, ќе бидеш сакана“, притоа рекламирајќи ги производите со помош на луѓе кои ја добиле генетската лотарија и нивната физичка убавина често не е резултат на производот, а да не зборувам дека дополнително рекламите се интензивно компјутерски обработени. „Ова е совршенството кон кое треба да целиш“, е пораката на многу маркетинг- кампањи и покрај тоа што знаат дека тоа совршенство е недостижно, бидејќи поентата е да биде недостижно и нивните производи да се купуваат одново и одново. Со појавувањето на социјалните медиуми се отвори простор секој да може да стане креатор на содржини, наместо само компаниите кои плаќаат билборди и некаков маркетинг-простор, а со тоа се отвори можност во јавноста да се пласираат и поинаков тип фотографии. За првпат почнавме да гледаме различен тип на луѓе, во сите форми и големини, самоуверени и силни, покажувајќи ни дека е ОК да си различен. ОК е да не изгледаш соршено. Тоа што не изгледаш „по стандарди“, не значи дека треба да се мразиш себеси и своето тело, не значи дека треба да се срамиш од себе или дека си помалку човек од лицата на билбордите. Без разлика како изгледа, секој човек заслужува почит и заслужува да го живее животот како што сака. Репрезентацијата во медиумите е навистина важна, кога ќе видиш дека некој друг што изгледа како тебе си го живее животот, постигнува успеси и е самоуверен, тоа те охрабрува и ти да го направиш истото. За мене, позитивен став кон своето тело значи љубов и грижа за своето тело, но уште поважно – разбирање дека ти си повеќе од тело и твојот изглед не ја дефинира твојата вредност како човек. За мене „боди позитивити“ е фактот дека изгледот е неважен и не треба да влијае на тоа како го живееме својот живот.

Самодовербата е вештина што може да се стекне во која било доба од животот, со работа на себе, трпеливост и излегување од зоната на комфорот.

Со оглед на тоа што имаш голем број поддржувачки на твоите ставови на социјалните мрежи, на што најмногу се жалат Македонките во однос на себеприфаќањето и прифаќањето од околината на основа на изгледот, со што се идентификуваат, што негираат, што потврдуваат?

 – Мислам дека и кај нас се појавуваат истите проблеми како и насекаде во светот, само тука ми се чини дека се малку поинтензивирани. Не само за жените, проблемот со себеприфаќањето го имаат и мажите. Од многуте разговори што сум ги имала во приватни пораки со тие што ме „следат“, еден од најголемите проблеми се навредите кои често ги добиваат врз основа на нивниот изглед. Секогаш ќе се најде нешто, дебел/а, слаб/а, висок/а, низок/ска, со големи уши, со слаби нозе, со грбав нос, со кратка/долга коса, а ако не може да се најде нешто на физичкиот изглед, ќе се удри по карактерот, „лесна“ била, глупав бил, вака правела, така правел. Генерално проблемот е што голем број луѓе, најчесто поради свои фрустрации и несигурности, употребуваат навреди и понижување на другите за да се почувствуваат подобро за себе. На крајот, имаме дупла штета, навредувачот на овој начин нема да ги поправи своите несигурности, а и навредениот станува понесигурен во себе. Тука би го спомнала и булингот помеѓу помладите, кој се чини како да станува сè полош и полош низ годините. Често младите ги навредуваат соучениците чисто од мајтапење, за забава. Порано се случуваше во училиштата и училишните дворови, па кога ќе си отидеш дома можеше да се земе воздишка, но сега навредите продолжуваат онлајн преку социјалните медиуми. На младите им е особено тешко да се прифатат и засакаат себеси кога секојдневно се навредувани, а дополнително преку медиумите им се сервираат правила какви треба да бидат и како да изгледаат. Ова се рефлектира и на нивниот понатамошен живот како возрасни.

Зошто ни е важно да изгледаме совршено? Зошто ни е важно да им се допаднеме на другите, вклучувајќи ги и сосема за нас неважни странци? Фото – Ерина Богоева

Самоприфаќањето е сепак, сложен процес. Од каде се почнува, што треба да се направи, надмине, доживее и најпосле, како да се победи?

– Мислам дека еден од првите чекори е да се сфати дека не треба да си совршен за да се прифатиш и сакаш себеси. Секој од нас може да најде еден куп мани на себе, на кои им даваме преголемо значење. Многу често си го мразиме телото затоа што не изгледаме како „фаците“ од насловните страници, а забораваме колку многу тоа тело прави за нас, живи сме, здрави сме, можеме да се движиме, можеме да дишеме, можеме да играме, пееме, да се смееме. Зошто толку малку ги цениме овие работи, освен во моментите кога ќе ги изгубиме? Наместо тоа се фокусираме на бројот на килограми, бубуличките на лицето и така натаму. Зошто ни е важно да изгледаме совршено? Зошто ни е важно да им се допаднеме на другите, вклучувајќи ги и сосема за нас неважни странци на Интернет? Ако некому му е толку многу важна големината на твојата половина, дали воопшто сакаш да имаш таков човек во твојот живот? Самоприфаќањето е долг и непријатен процес, низ кој ќе треба да се одговори на многу непријатни прашања. За да се прифатиш прво треба да се спознаеш себе. Да ги запознаеш своите доблести и мани и да сфатиш дека тоа што имаш некоја мана не ги поништува твоите доблести. Со еден збор, да ја дефинираш својата вредност настрана од кривиот нос и големите уши, туку да погледнеш подлабоко во себе, под површината. За тоа треба време и работа, ништо не се случува преку ноќ.

Според твоите искуства, дали самодовербата се стекнува само во детството или може да се научи низ животот?  

– Детството има огромно влијание врз самодовербата, бидејќи во детството учиме за светот, каков е и каде е нашето место во него. Учиме какви сме и какви треба да бидеме. Искуствата од детството можат да остават сериозни траги врз нашето однесување понатаму како возрасни, вклучувајќи ја и самодовербата. За среќа, самодовербата може да се научи и понатаму во животот, а јас сум доказ за тоа. Самодовербата е вештина што може да се стекне во која било доба од животот, со работа на себе, трпеливост и излегување од зоната на комфорот.

Колку почесто гледаме различности, претставени во позитивно светло, толку побрзо тие различности ќе станат нормални. Фото-Стефани Христов

Кои се твоите три клучни принципи за јакнење на самодовербата кај жената?

– За јакнење на самодовербата најважно е да го освестиме внатрешниот монолог. Сите имаме во главата гласче што ни зборува постојано и многу е важно на кој начин си зборуваме самите себе. Дали се критикуваме или се поддржуваме себеси, има разлика меѓу конструктивна самокритичност и монолози од типот „е мори глупава една, грда една, нормално никој нема да те сака“. Така што првиот и најважен принцип би бил да се фатите себе кога ќе почнете да си се обраќате со негативни зборови и да си кажете и нешто позитивно.

Вториот принцип би бил континуирана работа на себе, учење нови работи,  надградување на своите вештини, читање книги, физичка активност… Колку повеќе вложите во себе – толку повеќе ќе се почитувате, а со тоа и ќе имате повисока самодоверба.

Третата работа што би ја споменала е да се биде опкружен со вистинските луѓе, луѓе кои даваат поддршка. Велат ние сме производ од 5-те луѓе со кои поминуваме најмногу време. Луѓето околу нас може да имаат многу токсично влијание на нас.

И еден бонус: неизбежно е да се споредуваме со другите, но начинот на размислување треба да го промениме од „таа е убава, а јас сум грда“ во „различни сме, двете убави на свој начин, двете со своја вредност“.

 Можат ли естетските интервенции да ја вратат самодовербата и до која мера?  

– Јас лично не сум имала естетска интервенција и не би можела да кажам од лично искуство, но мислам дека не влијаат значително на самодовербата, бидејќи самодовербата доаѓа однатре. Сум разговарала со доста модели за кои другите би рекле дека се преубави, но тие се длабоко несигурни за својот изглед. Често велиме „е камо да изгледав вака/онака, е тогаш ќе бидам среќна и самоуверена“, но ако ја базираме самодовербата на изгледот, никогаш нема да ја достигнеме бидејќи секогаш ќе има некоја поубава, послаба, со која ќе се споредиме и ќе сакаме да бидеме како неа. Јас дури и би се „дрзнала“ да кажам  дека самодовербата нема никаква врска со изгледот.

Токму медиумите и брендовите се оние кои досега диктирале што е убаво, колку поскоро тие почнат во своите програми и кампањи да вклучуваат различни жени, толку побргу и народот ќе ги прифати. Фото – Стефани Христов

 Што би советувала една мајка што е премногу загрижена за изгледот на ќерка си?

– На самите почетоци кога започнав да објавувам содржини на тема „боди позитивити“, добив една долга порака, која никогаш нема да ја заборавам и ми е огромна мотивација. Ми пиша девојче да ми се заблагодари за позитивните пораки што ги имав објавено: „Пред еден месец се обидов да си го одземам животот, не можев повеќе да ги поднесам грдите зборови на моите родители за мојот изглед, ова што го читам кај тебе ми ја враќа волјата за живот“. На децата особено им влијаат зборовите на родителите и особено им значи нивната поддршка. Мојот совет е дека има многу поважни работи за кои една мајка треба да биде загрижена. Дали ќерката добива доволно љубов, доволно грижа, доволно поддршка, дали ќе се развие во човек со внатрешна убавина, со правилни вредности, во човек што ќе придонесува во општеството, дали ќе биде добра другарка, дали ќе има емпатија за другите, дали ќе биде доволно силна да се соочи со светот, дали ќе има доволно храброст да ги следи своите соништа… Изгледот е веројатно меѓу последните работи на листата за кои треба да се грижите.

Ми пиша девојче да ми се заблагодари за позитивните пораки што ги имав објавено: „Пред еден месец се обидов да си го одземам животот, не можев повеќе да ги поднесам грдите зборови на моите родители за мојот изглед, ова што го читам кај тебе ми ја враќа волјата за живот“.

Колку сме блиску или далеку од прифаќањето на редефинираната убавина на жената? Колку сме подготвени да ги надминеме сервираните критериуми за убавина?

– Би рекла дека сме далеку, всушност ние сега допрва ги правиме првите чекори. Тоа што ме плаши е што од разговорите со тинејџери и деца од основно училиште, се чини дека оние закоравени размислувања за жената, многу лесно се префрлаат од родителите на децата, по што тие растат во возрасни со вакви размислувања. Но има и голема група на млади луѓе со прогресивни размислувања, кои се оние што ги влечат работите нанапред. Колку бргу ќе стигнеме до прифаќање на таа редефинирана убавина на жената, најмногу зависи од тоа колку бргу медиумите и брендовите ќе го направат тоа. Токму медиумите и брендовите се оние кои досега диктирале што е убаво, колку поскоро тие почнат во своите програми и кампањи да вклучуваат различни жени, толку побргу и народот ќе ги прифати. Колку почесто гледаме различности, претставени во позитивно светло, толку побргу тие различности ќе станат нормални.

Кои според тебе се убави Македонки и зошто?

– Убава е жената што работи во блискиот супермаркет, бидејќи секогаш е љубезна со сите, убава е бабата што продава цвеќе пред маркетот, која и покрај својата несреќа, се труди да им го разубави денот на минувачите, убава е новата министерка во владата, бидејќи е храбра и незапирлива, убава е мајка ми бидејќи освен мене „мајка“ ја викаат уште десетици деца што купуваат храна од сендвичарата во која работи, убава е сопственичката на новиот мал бизнис отворен во маалото затоа што е упорна, сите се убави на свој начин.

 

 

 

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот