Христијан Пендиков пуштен од болница на домашно лекување во Бугарија

Милков и Османи кај Христијан Пендиков/Фото: Фејсбук

Христијан Пендиков денеска е пуштен од Воено-медицинската академија во Софија, соопштија од болницата.

Неговото лекување ќе продожи во домашни услови, додаваат од таму.

Бугарските медиуми не јавуваат каде ќе биде сместен Пендиков во Софија за да го продолжи домашното лекување. Храната веќе му ја обезбеди бугарскиот бизнисмен и филантроп Милен Врабевски кој испрати пакети со леќа, портокали, млеко, конзерви, кафе, зејтин, оцет, сок, шеќер.

Секретарот на бугарскиот културен клуб од Охрид „Цар Борис Трети“ беше претепан на 19 јануари годинава и следниот ден со бугарски владин авион префрлен на операција во ВМА во Софија. Имаше повреди на главата, пршлените и ребрата, како и скршена вилица која му беше оперирана на одделението за Орална хирургија во ВМА во Софија.

По неговото префрлање во Софија, се откри дека немал бугарско државјанство, туку како што соопштија бугарските власти “бугарска самосвест“.

Пендиков, според бугарскиот министер за внатрешни работи Иван Демеџиев, ќе остане во Бугарија и може да аплицира за бугарско државјанство. Претходно бугарскиот амбасадор во Скопје Ангел Ангелов соопшти дека Пендиков поднел барање за бугарско државјанство кон крајот на декември минатата година и приложил уверение за неосудуваност.

Лицето кое е осомничено за неговиот напад е во притвор од 23 јануари. Против 24-годишен охриѓанец Основното јавно обвинителство Охрид донесе Наредба за спроведување истражна постапка под сомнение за кривично дело – Тешка телесна повреда според член 131 став 3 во врска со член 22 од Кривичниот законик.

-Осомничениот, на 19 јануари, во кафе бар во Охрид, пристапил до маса на која седело едно лице, го удрил по главата, упатувајќи му ги зборовите – “не ти е срам да се пишиш Бугарин“ и се оддалечил. Неколку часа подоцна, кога оштетениот излегол од кафе барот и се движел кон неговото возило, осомничениот заедно со уште две други непознати лица го пресретнале и го нападнале, удирајќи го по главата и телото и нанесувајќи му тешки телесни повреди опасни по живот, соопшти тогаш Обвинителството.

Осомничениот има и бугарско државјанство, додека Пендиков во Охрид во декември минатата година е фатен со кокаин и против него има кривична пријава. Со неговото заминување на лекување во Бугарија оваа истрага е компромитирана.

Софиското окружно обвинителство деновиве поведе предистражна постапка за смртна закана упатена кон Христијан Пендиков.

Поради случајот со Пендиков ескалираа тензиите меѓу Македонија и Бугарија, кои се влкошија по бугарските националистички изливи на чествувањето на Мара Бунева во Скопје, а кулминираа пред чествувањето на 151-роденден на Гоце Делчев кое помина мирно, под засилени мерки за безбедност и со само тројца парично казнети бугарски државјани заради навреди упатени кон македонската гранична полиција на Деве Баир. Иако бугарските медиуми пишуваа дека тројцата бугарски државјани биле тепани во полициска станица, снимките од нивното пуштање јасно сведочат дека немало физички напад врз нив. Истиот ден во Благоевград беше каменуван македонскиот културен клуб „Никола Вапцаров“, а организацијата на Македонците во Бугарија ОМО Илинден – Пирин побара итна реакција од бугарските и пронаоѓање на сторителите на овој вандалски чин.

Ранѓеловиќ: Софија испровицира вештачка криза во својата битка за Македонија и повторно греши

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот