Храната го изеде стандардот

Соња Кириџиевска
Фото: Драган Митревски/Слободен печат

Секој има своја стратегија за стегање на ременот. Некој на превозот, некој на храната, а многумина баш на сè. И додека функционерите папагалски повторуваат „состојбата будно се следи и ако треба ќе се интервенира“, вистината е дека граѓаните се оставени сами да се борат со сиромаштијата.

Направете список на потребни производи пред да тргнете во набавка. Немојте да готвите според рецепти (ваквиот начин е секогаш поскап). Не купувајте на интернет и не наседнувајте на маркетиншките трикови. Подгответе неделно мени, не фрлајте храна и секогаш набавувајте го само неопходното. Ова се само мал дел од мудростите, кои наводно ќе ви помогнат да го истуркате месецот, а кои немаат врска со фалбите на државата дека буџетот е во добра кондиција, контра сè попразниот џеб на македонските граѓани. Цените на храната неповратно растат поради глобалните поскапувања и сè помалку може да се контролираат. И додека функционерите папагалски повторуваат дека „состојбата будно се следи и, ако е потребно, ќе се интервенира“, вистината е дека граѓаните се оставени сами да се борат со сиромаштијата.

Пред повеќе од една и пол година експертите предупредија дека скапата храна ќе биде полоша од пандемијата и дека треба да се подготвиме за кризата. Но, од ваквите совети има мало фајде во земја во која една петтина од населението се бори со сиромаштијата (21,9 отсто, според последните статистички податоци, а тие се од 2019 година).

Светската економија забавува, потресена од корона-кризата, а многу развиени стопанства се близу или влегуваат во рецесија. И македонската економија не е имуна на овие нарушувања – индустриското производство во октомври е намалено за 6,5 отсто во однос на истиот месец лани, а ефектите се шират на потрошувачите и на компаниите, кои се на удар од високите цени на нафтата и на храната. И без актуелната криза, повеќе од една деценија трошоците за храна во Македонија се речиси половина од платата. За сметка на тоа, се забележува зголемена потрошувачка за здравствени прегледи и за лекарства.

При постојан раст на цените и фиксни или намалени приходи, луѓето едноставно немаат избор, освен да се откажат од некои основни потреби. А, сега мора да штедат, затоа што пандемијата им нанесува нови удари врз празните џебови. Секој има своја стратегија за стегање на ременот. Некој на превозот, некој на облеката, а многумина баш на сè. Во развиените земји за исхрана се трошат помеѓу 25 и 35 отсто од месечниот приход, но како што тргнало во Македонија трошоците за исхрана за едно четиричлено семејство, заедно со комуналните сметки, ќе надминат една просечна плата, што според експертите е одраз на лошиот квалитет на живеење во земјава.

Откако подзаборавивме како е да се живее во инфлаторна спирала, инфлацијата во Македонија повторно стана актуелна кон крајот на минатата и особено во првата половина од оваа година. Негативното влијание на сите овие движења врз животниот стандард на граѓаните, некако се ублажува со зголемување на задолжувањето на населението кај банките. Сепак, на ваков начин може да се „снајдат“ само дел од граѓаните, кои имаат редовни приходи и може да добијат кредит.

Предвидувањата се дека кризата со скапата храна и влијанието врз животниот стандард особено на сиромашните слоеви население нема да биде краткорочен феномен, туку ќе трае и во наредниот период. Соседна Србија, од која купуваме брашно за леб, на 60 дена ги ограничи цените на основните прехранбени производи, Црна Гора ги замрзна цените на основниот вид леб уште пред некој месец. Повеќето и побогатите европски земји изнајдоа механизми за да го одржат стандардот на своите граѓани. Што прават нашите власти? Фала на прашањето, добри се, еколошки настроени. И се думаат дали замрзнувањето на цените ќе биде погрешен економски потег, со кој ќе се предизвикало поголемо нарушување на пазарот. Бре! Нека влезат во продавница, можеби ќе им текне некоја побрилијантна идеја од оваа, со која ни накалемија дополнителни 450 денари месечно за биоразградливи кеси. Прашањето е – дали ќе можеме да ги полниме?

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот