Храбриот витез што „хируршки прецизно“ ќе ги отстрани Владата и институциите

Џабир Дерала / Фото: СП. архива

Мицкоски живее во некој свој свет, во својот замок опкружен со ламји со седум глави и огнени јазици, придружени од опасни и зли сеништа. Тој е храбриот витез, кој придружен од своите послушни штитоносци со румени образи, шубари, бели бечви и црни гајтани, со опинци на нозете, го брани малото кралство од страшните напаѓачи. Среќни „човечиња“ спремно потскокнуваат да ја поздрават секоја негова мудра и државничка одлука, мисла и постапка, секој него збор.

И не се буди. Не.

Во малото кралство на Мицкоски, тој е врховниот судија и може со една реченица да осуди луѓе на десетици години затвор и да каже дека истрагата во која учествуваат германски истражители не е објективна. Нему му се важни оставките. Тој се гади од Заев. И ќе победи на изборите, како и на сите избори досега.

Бидејќи е сеприсутен, тој „знае“ дека пописот нема да биде успешен. Вели дека „има многу турбуленции“. Ништо не чини во тоа мало кралство каде што овој оклопен витез се бори за човечките правдини. И тој е решението за сите проблеми. Заедно со своите штитоносци, се разбира.

За витезот од оваа кратка политичка сказна, „владата и институциите се неспособни“. Затоа, „хируршки прецизно треба да ги отстраниме, а тоа ќе се случи уште на овие локални избори“. Така рече.

Да се отстранат Владата и институциите? Хируршки прецизно? Што може да значи тоа во светот на овој храбар витез со сјаен оклоп? И како тоа се прави на локални избори? Веројатно, тој си знае, во неговиот свет работите сигурно се многу едноставни и се решаваат со едно замавнување на мечот. Или со волшебно стапче.

Можеби неговиот тутор, храбриот бегалец од Будимпешта, му ја оставил и кристалната топка од неговата гатачка, Катерина Најденова. Па може сѐ да види и предвиди, па „професорски“, „математички“, па и „хируршки прецизно“ да им раскаже на новинарите жедни за неговата мудрост и знаење.

Можеби во некој друг свет, политичарите се обидуваат да се придржуваат до одредени принципи, иако се подеднакво остри и без пардон ги дисквалификуваат своите политички противници. Внимаваат да не ги попречуваат истрагите, не се закануваат и ја почитуваат пресумпцијата на невиност.

Во некој друг свет, многу далеку, политичарите имаат обѕири кон човечките трагедии и не се обидуваат да профитираат од нив. Напротив, политичарите веднаш се наоѓаат на местото на трагедиите, не денови подоцна. Не ставаат „на располагање“ своите политички партии. Се обидуваат да најдат решенија, да им го олеснат животот на луѓето во мигови на несреќа. Го прават тоа по пат на институции.

Ама тоа се случува во некој друг свет, многу далеку.

Во светот на сказните на Мицкоски, сѐ е полесно и се решава со едно замавнување на мечот. Или со негови зборови: „хируршки прецизно се отстранува“. На локални избори!

И навистина, што ќе ни се институции и Влада? Ќе живееме среќно и спокојно во светот во кој овој храбар витез, надарен математичар, хируршки прецизен, со сјајниот оклоп, опкружен со верните штитоносци, ќе владее како во сказните. И ќе нѐ брани од големите зли ламји и другите страшни суштества и сеништа од сказните.

И сите заедно ќе потонеме во оваа мрачна сказна, но со крај секогаш среќен за Мицкоски и неговите штитоносци.

Добра ноќ, каде и да сте, колку и да е часот.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот