Хоти: Заедничката седница на владите на Косово и Албанија е одложена за 2 октомври
Заедничката седница на владите на Република Косово и Република Албанија, која требаше да се одржи во албанскиот град Скадар в петок, 25 септември, е одложена за една недела, и ќе се одржи на 2 октомври, објави косовскиот премиер Авдулах Хоти.
Како што јави дописникот на МИА од Приштина, Хоти преку својата страница на Фејсбук синоќа информира дека седницата е одложена поради тоа што во првичниот термин во кој требаше да се одржи е свикана седница на косовскиот Парламент.
– Поради седницата на Собранието на Косово, се согласивме со премиерот Рама заедничката седница на нашите две влади, предвидена за овој петок, да ја одржиме на 2 октомври. Благодарност до премиерот Рама за разбирањето и до нашите два тима за подготовката на седницата, напиша Хоти.
Седницата во Скадар ќе биде шеста по ред заедничка седница на владите на двете држави и на неа, според најавите, треба да се потпишат неколку нови, како и да се дополнат претходно постигнати договори меѓу двете држави.
Координаторката од косовска страна, вицепремиерката Албулена Баљај-Халимај, порано најави, меѓу другото, потпишување на три, како што ги нарече, „големи договори” меѓу двете држави.
Според Баљај-Халимај, станува збор за отворање царина за потребите на Косово во албанското пристаниште Драч, потоа за железничката линија меѓу двете држави и за хидроцентрала која ќе се гради во Албанија, а која ќе биде наменета за Косово.
Првата заедничка седница на владите на Косово и Албанија се одржа на 11 јануари 2014 година во Призрен и беше водена од тогашните премиери, Хашим Тачи и Еди Рама, кои тој настан го оценија како „историски”.