Хоти: Првиот мој предизвик како нов премиер на Косово ќе биде пандемијата на коронавирусот

Кандидатот на Демократскиот сојуз на Косово (ЛДК) за мандатар за формирање на новата косовска влада Авдулах Хоти изјави дека првиот предизвик со кој ќе се соочи како иден премиер ќе биде пандемијата на Ковид-19, јави дописникот на МИА од Приштина.

Закрепнувањето на економијата по тешката криза предизвикана од пандемијата, рече Хоти во обраќањето пред новинарите откако беше објавена неговата кандидатура за премиер, ќе биде исто така голем предизвик за новата влада.

Тој нагласи дека ЛДК, иако по октомвриските парламентарни избори, во февруари годинава, формира влада заедно со Движењето самоопределување на сега разрешениот премиер Албин Курти, „поради причини кои им се познати на сите” беше принудена да ја напушти Владата.

– Оваа влада се формира во специфични околности на пандемија и политички превирања. Влеговме во коалиција со јасен договор, но бевме принудени да ја напуштиме, поради причини кои им се познати на сите. Јас ја добив довербата на ЛДК да изградам ова влада. Првиот предизвик ќе биде справувањето со пандемијата и вториот закрепнувањето на економијата, изјави Хоти, оценувајќи дека последиците од епидемијата ќе бидат „прилично големи”.

Тој додаде дека и дијалогот со Србија ќе биде едно од прашањата со кои ќе се соочи од самиот почеток и нагласи дека тој дијалог ќе го води новата влада.

Во врска со најавата на ВВ и нејзиниот лидер Курти дека ќе го оспорат пред Уставниот суд на Косово формирањето нова влада без да се одржат вонредни избори, Хоти рече дека одлуката на тој суд ќе биде целосно испочитувана.

Во актуелната влада во оставка, Хоти беше прв вицепремиер, меѓутоа беше разрешен од премиерот поради несогласувањата во коалицијата, откако ЛДК иницира гласање недоверба на кабинетот на Курти. Директен повод за уривањето на владата на Курти беше разрешувањето на потпретседателот на ЛДК Агим Велиу од функцијата министер за внатрешни работи.

Претходно, во владата која ја водеше лидерот на ЛДК Иса Мустафа, Хоти ја вршеше функцијата министер за економија.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот