Хоти: Ја презедовме власта во најтешката состојба во Косово во изминатите дваесет години

Косовскиот премиер Авдулах Хоти вели дека состојбата во земјата во времето кога ја презеде власта, на почетокот на јуни годинава, била најтешката состојба од завршувањето на последната војна во Косово, јави дописникот на МИА од Приштина.

На денешната прес-конференција, одржана пред почетокот на собраниската седница на чиј дневен ред се три интерпелации за неговата работа, покренати од опозициското Движење самоопределување (ВВ), Хоти изјави дека тешката состојба во која ја презеде власта од лидерот на ВВ Албин Курти била предизвикана од пандемијата на Ковид-19, но и од „неадекватните политики кои доведоа до меѓународна изолација”.

-Ја презедовме власта во една исклучително тешка состојба, веројатно најтешка во последните 20 години. Тоа секако се должи на ситуацијата со пандемијата, но и на неадекватните политики кои доведоа до меѓународна изолација. Ни беа потребни големи напори за да ја прекинеме изолацијата на Косово и да го вратиме партнерството со клучните земји, истакна Хоти.

Тој нагласи дека неговата влада мошне добро се справува со епидемијата на Ковид-19, така што, како што рече, „во тој поглед Косово сега е пример во меѓународни рамки”.

Во Собранието на Косово денеска на дневен ред се итерпретациите за работата на Хоти, и тоа за одредбите од договорот што го потпиша во Вашингтон со претседателот на Србија Александар Вучиќ, за мораториум на барањата на Косово за зачленување во меѓународни организации и за приклучувањето на Косово кон балканскиот мини-Шенген, како и за имплементацијата на договорот за формирање Заедница на општини со мнозинско српско население.

Косовскиот премиер на претпладневната прес-конференција рече дека ќе одговори на повикот од Собранието денеска да одговара на прашањата на опозицијата.

-Што се однесува до интерпелациите од пратеничката група на ВВ, јас ќе одговорам на Собранието, бидејќи тоа ми е обврска и денеска ќе ги изнесам информациите кои се бараат од мене. Ве уверувам дека, кога и да ја предадам должноста на наредниот премиер, тоа ќе биде во ситуација далеку подобра од онаа која што јас ја затекнав, изјави Хоти.

(Извор:МИА)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот