Хотелите се наполнија со карантинци, никому не му текна да даде соба за бездомниците (ВИДЕО)

Кан ги отвори вратите, но не за филмската елита, туку за бездомниците, кои немаат каде да се сокријат од коронавирусот. Во Лондон хотелите им нудат место за спиење на бездомниците во обид да се спречи ширењето на коронавирусот. И во Македонија има тренд на отворање на локалите, но не за бездомници. Изминатите зими, во услови на голем студ, неколку локали ги отворија вратите за бездомните животни. Дали заслугата за ваквата великодушност на угостителите треба да се побара во силното лоби на здруженијата за заштита на животни? Којзнае… но, кој да лобира за бездомните луѓе?

И, додека дел од бездомниците во Скопје се сместени во неколку групни домови, има и такви кои не се корисници на услугите на Црвениот крст и по автоматизам се оставени на улица. Тие не сакаат сместување, велат надлежните, во ред, но сигурно нема да одбијат сместување во топла соба, барем во услови на вонредна состојба, секако…ако им биде понудена.

Екипата на Слободен печат синоќа излезе на скопските улици и посведочи на тажната судбина на повеќемина бездомници, кои засолнети во влезови од згради и под мостови, очекуваат да ги раздени новиот ден.

Инспирирана од идејата на англиските хотели, текстот ќе го поврзам со идејата на македонските хотели, кои вратите ги отворија, но не за бездомните лица, туку за повратниците од странство, кои можеби се заразиле со коронавирус, и сега сеат страв низ Скопје. На бездомниците повторно не се сетија.

Ниту еден хотел, ниту хостел, досега не покажал емпатија за луѓето кои мораат ноќите во време на епидемија и полициски час да ги поминат на улица.

Од друга страна, брзото планетарно ширење на коронавирусот, ги затвори границите и ги приземји авионите со што се оневозможи работата на хотелите. Хотелските соби останаа празни, но ниту на еден менаџер ниту сопственик на хотел или хостел не му падна на памет да им помогне на оние кои имаат помалку среќа во животот.

Од друга страна никој не ги спомена државните сместувачки капацитети. Хотелите на МВР и АРМ низ државава се празни, а периодов празни се и студентските домови, кои би можеле да бидат времено решение за сместување на бездомните лице во време на вонредна состојба и полициски час.

Важно е да се спомене и дека во услови на вонредна состојба Владата има можност да донесе уредба за згрижување на секоја категорија граѓани на државава.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот