Хотелиерите бараат поголема помош од владата, за да не стават трајно клуч на врата

Фото: Слободен печат/ Драган Митрески

Половина од хотелите на охридско-струшкото крајбрежје ставија клуч на врата, а останатите работат со речиси празни капацитети. Мерките од четвртиот владин пакет ги вратија на работа сезонските работници за хотелите да го задржат бројот на вработени од август за да можат да ја искористат субвенцијата.

Претседателот на Асоцијацијата на хотелиери Крсте Блажески во изјава за МИА појаснува дека хотелските капацитети работат со загуби, и оние отворените немаат ниту пет отсто промет.

– Педесет отсто од хотелите на ривиерата се затворени, а оние што работат немаат ниту пет отсто промет. Работат со загуба. Тешко се врзува крај со крај, вели Блажески.

Според него, во хотелиерството нема отпуштања последните месеци, туку напротив се вработуваат нови работници со цел да ги исполнат условите за субвенционирање предвидени со четвртиот владин пакет. Отпуштање во секторот очекува во март, кога ќе завршат владините мерки.

– Последниот месец во хотелите се примаат работници за да се задржи бројката од август за хотелиерите да добијат од четвртиот сет мерки. Во август имавме најмногу работа и имаше доста сезонски работници. Во октомври ги немавме како бројка и не не следуваше плата од државата планирана со мерките. За ноември вработивме нови, односно ги вративме сезонските работници да ја имаме истата бројка и да ги исполниме условите за субвенционирање, појасни Блажески.

Годината очекува да ја завршат со загуби, иако имаат одобрени по четири плати помош од државата. За хотелите да не стават трајно клуч на врата, смета дека им е потребна поголема помош од државата.

– На крајот од годината ќе има сигурно загуби. Се уште е рано да кажеме. Пола од обртот од лани ќе биде загуба. Според платени даноци од претходните години да ни се одобри некоја помош. Потребни се ослободувања од даноци и други давачки кон државата или дополнителни парични средства, предлага претседателот на ХОТАМ.

За следната година, во најдобра варијанта се надева да излезат на нула, без загуби.

– Да ги извадиме трошоците за плати, енергија, одржување на објектите за следната година, а во позитива очекуваме дури во 2022 и 2023 година, додава Блажески.

Согласно протоколите за заштита од ковид-19, хотелиерите нема да организираат пречеци за Нова година, но хотелските капацитети се отворени за гостите, кои може да уживаат во она што им го нуди природата на охридско-струшкото крајбрежје, планините, културното наследство.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот