Хотел Молика: Згриживме 200 граѓани во државен карантин, некој се обидува да нанесе штета на имиџот на хотелот

Сакаме да ја известиме јавноста дека хотелот ,,Молика” работи по највисоки стандарди и ги запазува сите протоколи и процедури, како во секојдневни услови, така и во услови на државен карантин во кои во моментов пружаме услуги, вели Никола Каровски, извршен директор на ЕЛЕМТУРС, во чија надлежност е управувањето со хотелите ,,Молика”, „Славија” и ,,Попова Шапка”.

-Во врска со ситуација минатата недела, во која на хотелот му беше испорачан запакован прехранбен производ кој не беше во исправна состојба и кое нешто се утврди дури по отворањето на паковањата, сакаме да ја известиме јавноста дека од наша страна веднаш беше направен записник од фактичката состојба и писмено реагиравме до добавувачот кој има склучено договор со нас за добавување млечни производи, но исто така реакцијата се однесува и до самиот производител. Во реакцијата посочивме дека нивниот пропуст се одразува на нашиот имиџ како познат угостителски објект и бренд, а исто така и врз нашите гости, и дадовме опомена пред раскинување на договорот поради направениот пропуст од нивна страна- рече Каровски.

 

Оттаму потенцираат дека сите граѓани кои издржуваа и издржуваат државен карантин во хотелот ,,Молика” се многу задоволни од престојот, условите и услугата од нивна страна, и нивните коментари одат во насока на изразување благодарност за сè што прават со цел да им го олеснат ова тешко искуство.

-Во однос на исхраната, хотел ,,Молика” за лицата кои се во карантин во нашиот објект обезбедува мени по сите хотелски стандарди и стандарди во туризмот. Исто така, обезбедуваме и соодветно мени согласно побарувањата на дел од лицата во карантин врз основа на нивните верски и религиозни определби. Сметаме дека не е во ред поединци да се обидуваат да градат друга слика во јавноста, поинаква од реалната, и апелираме до медиумите и до граѓаните кои ги следат случувањата, да не се потпираат само на искази на една личност, во кој и да е случај, па така и во овој случај. Сакам да нагласам дека нашите вработени работат под вонредни околности, опслужувајќи лица во државен карантин, и за жал нивната работа е отежната токму и поради неодговорното однесување на мал број од тие лица кои се обидуваат да ги прекршат протоколите, но за среќа има навремена реакција од органите на редот, што резултираше и со казни за лицата, за што јавноста веќе беше известена- рече Каровски.

Оттаму велат дека како хотел Молика и како бренд во туризмот на нашите простори, реагираат на обидот одредени незадоволства на дел од штитениците во карантинот, кои потекнуваат од други причини, да бидат пренасочени кон нанесување штета на имиџот на хотел ,,Молика”.