Хоспитализираните во Тетово се претежно невакцинирани

EPA-EFE/GEORGI LICOVSKI

Во тетовскиот ковид-центар се хоспитализирани 18 пациенти, што е потврда за нагорниот тренд, исто како и растот на новодијагностицирани позитивни на коронавирусот. Повратници од странство, тројца од Италија и тројца од Германија, се меѓу хоспитализираните болни од ковид-19 што се на кислородна поддршка, потврди за „Слободен печат“ раководителот на ковид-центарот во болницата во Тетово, доктор Гзим Нуредини.

Хоспитализираните во болницата во Тетово се претежно невакцинирани, вели Нуредини, освен еден пациент кој е целосно имунизиран во странство со вакцината на „Џонсон“. Од другите пациенти, двајца примиле само една доза во Македонија, меѓутоа другите 15 немаат ниту една доза вакцина.

Сите имаат коморбидитети

Според Нуредини, овој тренд е поради поголемиот број тестирани граѓани поради патување, како и поради непочитувањето на мерките за заштита, честите социјални контакти, на свадби и други прослави, и неодржувањето растојание. Најмладиот пациент е на возраст од 37 години и сите имаат коморбидитети, односно придружни болести на срцето или на бубрезите и висок крвен притисок.

– Ниту еден од пациентите што се заразени и хоспитализирани кај нас го нема прележано вирусот. Станува збор за хронично болни пациенти што се најчести жртви, особено невакцинираните. Тие доаѓаат прво на преглед, со кашлица и други симптоми, но откако ќе добијат терапија и ќе се изолираат во домашни услови, а нема да им се подобри состојбата, тогаш почнува хоспиталниот дел од третманот. Доаѓаат во болница со пад на сатурацијата, вели Нуредини.

Во болницата немаат податоци дали станува збор за сојот делта или за некоја друга варијанта.

– Пред три дена дојде пациент кај кого само ја потврдивме смртта. Воопшто не беше хоспитализиран, туку се лекувал дома. Сите наши пациенти се со други хронични болести, така што не е само коронавирусот, туку и другите болести играат улога, изјави за „Слободен печат“ Нуредини.

Филипче: Не можеме да се затвориме поради невакцинираните

Во земјава, според последните статистики од Институтот за јавно здравје, има 612 активни случаи на коронавирусот. Од нив најголем број се во Тетово и во Скопје, каде што има по околу 180 регистрирани пациенти.

Комисијата за заштита на населението од заразни болести уште нема закажано седница за да дискутира какви мерки ќе воведе за невакцинираното население од есен. Министерот за здравство Венко Филипче рече дека мерките може да се воведување задолжителни негативни тестови за влез на јавни настани или во јавни објекти, а ќе се однесуваат само на оние што одбиваат да примат вакцина. Образложението е дека не може целото население да се затвори поради оние што не се придржуваат кон препораките за вакцинација.

– Бројот на новодијагностицирани случаи на ковид-19 во регионот и во Европа се зголемува секојдневно. Благ пораст е забележан во земјава. Тоа е резултат на честите патувања и годишни одмори, но не можеме да сме сигурни дека трендот на зголемување ќе продолжи и понатаму. Системот е подготвен да се справи со нов бран, но не можеме да живееме со рестрикции. Сите мора да се вакцинираме за да се врати нормалното функционирање на сите животни процеси, на економските субјекти, угостителските објекти и местата за масовни собири. Граѓаните треба да знаат дека на такви места може да им биде побаран сертификат за имунизација или негативен ПЦР-тест, бидејќи мора да го заштитиме населението, а притоа нормално да функционираат институциите и економијата, рече министерот Филипче во гостување во „Телма“.

Не сите здравствени експерти се согласни дека треба да се издаваат вакцинални сертификати. Професорот на Медицинскиот факултет д-р Никола Пановски смета дека прележаните пациенти не треба да се вакцинираат, односно ако веќе се вакцинираат, тоа да го прават само со една доза.

– Властите тоа го имаат чуено повеќепати, и преку медиумите и преку социјалните мрежи. Значи, мислењата и препораките се дадени одамна, но не се прифатени од власта. СЗО дала препорака прележаните да се вакцинираат по еден месец. Може да имате антитела „до плафон“, но ако не се од вакцина, џабе било. Ако не биле високи, со првата доза одат високо. Не вредело ни тоа, морало втора доза. Во исто време, добар број вакцинирани немаат антитела, очигледно можат да го шират вирусот, но пусулче ќе добијат, вели доктор Пановски.

Вакцини има доволно

Од Министерството за здравство за „Слободен печат“ велат дека имаат доволен број вакцини. Од „Синовак“ за прва доза има уште 90 илјади со рок на траење до мај 2023 година. Ги нема вакцините од производителот „Спутник В“, откако од земјава беше протеран руски дипломат. Во земјава до 1 август една доза вакцина примиле 31 процент од населението над 18 години. Половина од повозрасните од 50 години се вакцинирани со една доза.

– Вакцини има доволно и се достапни за сите што сакаат да се вакцинираат. Апелираме на што поголема заинтересираност и во периодот што следува. Вакцинацијата е единствен начин да го победиме вирусот и да спречиме понатамошно ширење во есенските денови, односно во деновите во кои во светски рамки е прогнозиран иден нов бран на делта сојот, апелираат од Министерството за здравство.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот