Хорор во болница во Њујорк: Страдање, болка и смрт на секои десет минути (ФОТО+ВИДЕО)

Фото: Профимедиа

„Кодот 99“ во болницата, сигналот кој го известува медицинскиот персонал дека на пациентот му е потребна реанимација, се огласи пет пати во помалку од еден час, во рок од 40 минути шест пациенти имаа срцев застој, а четири починаа, известува Си-Ен-Ен од болница во Њујорк.

– Толку се болни, што ги губиме во истиот момент. Разговараат со вас, а неколку минути подоцна им ставате цевче во грлото и се надевате дека ќе им поставите апарат за дишење за навистина да им помогнете, вели за Си-Ен-Ен, респираторниот терапевт Џули Исон.

Новинарите на Си-Ен-ЕН биле повикани во просториите на универзитетската болница во состав на Универзитетот за здравствена наука во Бруклин, една од трите болници во државата Њујорк во која сега исклучиво се лечат пациенти заболени од коронавирусот. Иако во ургентниот центар доаѓаат помалку луѓе отколку пред пандемијата, сите имаат  Ковид-19, па со самото тоа се болни, а стапката на смртност е висока. Умреле речиси 25 отсто од пациентите примени во болницата, пренесуваат медиумите.

Лекарите тука се соочуваат само со пациенти кои се задушуваат заради коронавирусот, кој го зафати целиот свет, а кој, како што тврдат некои научници, во Њујорк се ближи до врвот.

Пациентите непрекинато доаѓаат во болницата во Бруклин, па медицинскиот персонал нема време за одмор.

Екипата на Си-Ен-Ен видела како медицински работник го завиткува во чаршаф телото на починат пациент, кое било однесено во рок од половина час. Потоа го дезинфицирале просторот и на истото место бил донесен друг пациент во критична состојба, со маска за кислород на лицето.

Од речиси 400 заболени од Ковид-19 кои се примени во болницата, 90 отсто се постари од 45 години, а 60 отсто постари од 65, но болеста не ги фаќа само старите. Најмладиот пациент било дете од три години. Опишувајќи ги младите пациенти во дваесеттите години, лекарот на итната помош д-р Лоренцо Паладино вели дека некои плачеле и гледале во празно.

– За нив ова е „Вовед во анатомија“, а не вистински живот. Ова не би требало да го гледаат, додава тој.

Иако се трудат да ја сочуваат смиреноста, лекарите, медицинските сестри, респираторните терапевти и болничкиот персонал кои се борат да ги спасат пациентите, не се навикнати на вакви искуства, на толку голем број на луѓе кои се гушат, честите итни повици и толку голем број на луѓе кои не можат да ги спасат.

– Обично имате еден итен повик, кога е лош ден, можеби два, тоа е многу емотивно искуство и секогаш се прашувате дали сте сториле се што можете, вели д-р Синтија Бенсон, која работи заедно со д-р Паладино во ургентниот центар.

– Мислам дека е многу тешко емоционално да се спремите за толку кратко време на вакво ниво на болест и страдање, морбидност и смрт. Мислам дека никој од нас не е добро подготвен за тоа, вели докторката.

Од почетокот на пандемијата пред три недели, во универзитетската болница умреле 94 лица.

Фото: Профимедиа

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

Черил Ролстон, медицинска сестра во ургентниот центар, вели дека е многу тешко да се гледаат пациентите како страдаат без блиски лица до нив.

– Ми се јави синот на еден пациент и ми рече: „Татко ми има осумдесет години… Знам дека ќе умре… И тажен сум што умира сам“.

Во внатрешноста на осумкатната зграда на болницата во населбата Ист Флетбуш, во Бруклин, владее потполна различна атмосфера од надвор, каде заради забраната на движење исто така е целосна тишина.

Пациентите во најтешка состојба ги приклучуваат на респиратори. Сложените, скапи апарати се од огромна важност во борбата против вирусот. Гувернерот на државата Њујорк, Ендру Куомо тврди дека на Њујорк му се потребни повеќе од 30.000 респиратори. Сепак, тие не се чудотворен лек.

Податоците покажуваат дека шансите за преживување на заболените од Ковид-19 се слаби, дури и ако ги приклучите на респиратори, вели Паладино.

Паладино е дел од научниците кои докажале дека еден респиратор под одредени околности може да спаси два пациенти. Иако Куомо тврди дека тоа треба клинички да се испита, за Паладино тоа е решението на проблемот за недостиг на респиратори.

– Се грижиме што ќе биде еден ден кога веќе нема да имаме доволно респиратори. Не сакаме да бираме меѓу два пациенти кои би можеле да преживеат така што ќе фрламе пари, вели тој.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот