Хјуман рајтс воч: Повеќе од 100 припадници на безбедносни сили се убиени или исчезнати откако талибанците ја презеле власта во Авганистан

Авганистан/ Фото: МИА

Повеќе од 100 поранешни владини припадници на безбедносни сили биле убиени или се исчезнати откако талибанците ја презеле власта во Авганистан, се вели во извештај на Хјуман рајтс воч објавен денеска.

Извештајот на 25 страници ги документира убиствата или исчезнувањата на поранешните авганистански функционери од војската, полицијата, разузнавачките служби и провладините милиции кои им се предале или биле приведени од талибанските сили помеѓу 15 август и 31 октомври.

Невладината организација вели дека собрала веродостојни информации за повеќе од 100 убиства или исчезнувања од провинциите Газни, Хелманд, Кандахар и Кундуз, четири од 34 провинции во земјата.

Раководството на талибанците понуди „општа амнестија” на сите сили од претходната авганистанска влада и пред и откако милитантната исламистичка група ја презеде земјата во август. Повеќето провинции, вклучително и главниот град Кабул, им беа предадени без борба. Безбедносните сили масовно се предадоа во неколку провинции, додека други ги напуштија своите должности.

ХРВ вели дека талибанците добиле пристап до досиејата за вработување кои поранешната влада ги оставила зад себе и ги користат за да идентификуваат луѓе за апсење и егзекуција.

„Ветената амнестија на талибанското раководство не ги спречи локалните команданти накратко да ги егзекутираат поранешните членови на авганистанските безбедносни сили”, вели Патриша Госман, помошник директорка за Азија во ХРВ.

Извор: МИА

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот