Хиршер се збогува со скијањето
Австрискиот скијач Марсел Хиршер одлучи да стави крај на богата спортска кариера, осиромашувајќи го скијањето за една голема легенда. Марсел Хиршер е осумкратен освојувач на големиот Кристален Глобус (2012-2019), денеска на новинарите им откри дека става крај на богатат кариера, бидејќи сака да поминува повеќе време со семејството.
– Денеска е денот кога ја завршувам кариерата. Не е преголемо изненадување, се чувствувам дека телото ми е преморено по 12 години огромни напори. Секако, тука е и фактот дека сакав да се повлечам како шампион. Секогаш сум велел дека треба да се каже збогум кога се уште ќе може да се победува, а не кога кариерата ќе се движи во надолна линија. Размислував на оваа тема дури и во 2012 година, тогаш решив да продолжам, но сега дефинитивно е крај- изјави Марсел Хиршер.
Легендата на австриското и светско скијање има 67 победи во Светскиот куп со што е трет на листата на скијачи со највеќе победи зад Ингемар Стенмарк (87) и Линдзи Вон (82), но затоа има највеќе Кристални глобуси, дури осум. Хиршер е двоен олимписки шампион од ЗОИ во Пјонгчанг 2018 кога триумфира во слалом и во алпска комбинација.