Хигиеничарка и нејзиниот невработен син во Виена заработија речиси два милиони евра, па завршија на суд

Фото: Илустрација/Jack Sullivan / Alamy / Profimedia

Весна Д. (53), хигиеничарка од Србија, и нејзиниот невработен син Драган Д. (36) заработиле преку 1,9 милиони евра со хонорарна работа како преведувачи за австриската полиција, а неодамна двајцата се гонат поради неплатен данок на приход, објави српски „Блиц“.

Оваа неверојатна приказна започнала во 2006 година кога полицијата во Виена регистрирала зголемен број на криминални дела направени од страна на луѓе со потекло од балканскиот регион. Како што пишуваат австриските медиуми, надлежните имале голем проблем кога преведувале снимени телефонски разговори и сослушувања кои често создавале недоразбирања, а подоцна придонесувале и до ослободителни пресуди или пониски казни. Затоа, по потреба хонорарно ја ангажирале Весна Д. да им преведува од српски и ромски јазик.

Според „Блиц“, Весна Д. работела како хигиеничарка во Виена и потполно била неписмена. Таа, според официјалните податоци на виенската полиција, на тој начин од 2006 до 2016 година заработила 1.163.397 евра. Дополнително, поради зголемениот обем на работата на полицијата, тие хонорарно го ангажирале и нејзиниот невработен син Драган, кој за шест години заработил 740.176 евра.

Австриските медиуми пишуваат дека единствениот збор со кој споменатите преведувачи имале проблем бил „данок“. Ниту мајката, ниту пак синот, со години не плаќале данок на заработените пари, па „колегите“ од полицијата морале да ги гонат поради негово затајување.

Според информациите познати за јавноста, Весна и Драган Д. на државата ѝ должеле 741.000 евра, па затоа минатата недела се нашле пред австрискиот суд. Постапката против Весна е одложена поради нејзина болест, а нејзиниот син Драган по советувањето со адвокат го признал делото и осуден е на четири месеци затвор и општествено корисна работа.

Епилогот на судењето за двајцата наиде на осуда на австриската јавност и веднаш започнаа полемики за тоа дали криминалното дело им се исплатело на мајката и синот од Србија, поради фактот што тие на годишно ниво заработувале преку 100.000 евра, што и за Австрија претставува многу над просекот.

Јавноста го наведуваат и пропустот на полицијата која пред 10 години ангажирала преведувачи и уредно ги плаќала, а тие не ги подмириле нивните даночни обврски. Според австрискиот закон, полицијата може да делува само на основ на пријава на надлежните за затајување на данок.

Австриската јавност го чека епилогот од новите процеси за уште околу 20 преведувачи слични на Весна и Драган кои во моментов се под истрага, кои полицијата ги ангажирала на ист начин.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот