Хибридна промоција: Хуманата дисторзија на сегашноста како подлога за „Парадоксикон“ на Томислав Османли

Новата книга „Парадоксикон“ на македонскиот писател Томислав Османли својата хибридна промоција ја имаше на 7 јули во паркот пред Културно-информативниот центар во Скопје. Пред публиката во паркот и истовремено за гледачите на онлајн-стримингот на интернет, книгата ја промовираше професорката Кристина Николовска.

Здравствената криза со коронавирусот и протоколите за одржување на културните настани драстично го променија текот на книжевните промоции, а тоа го забележа и самиот автор во беседата на промоцијата.

– Не само промоциите – ништо веќе не е како што беше порано! Ништо веќе не подлежи на законите и на принципите какви што ги знаевме досега; светот личи како да е свртен на глава, како да е извртен од опачината, цивилизацијата како да е влезена во гротескниот свет зад огледалото на Алиса… Тоа чувствување за изневерата на севкупната вредност и хуманата дисторзија на сегашноста, всушност, е и подлогата за книгата „Парадоксикон“.

„Парадосиконот“ на нашите современи животи не се сведува на оваа пандемија, понапред таа е дел од гротеската во која историјата нѐ населува еве веќе две децении од новиот век. Од својот роман „Дваесет и првиот“ и можеби нешто порано од прозната книга „Каприча“ (2009) сѐ до оваа збирка не можам да се ослободам од впечатокот дека светот – ние во него, посебно! – сме жртви на едно преметнување на историјата, на една иронична игра на безвредностите што надоаѓаат како неконтролиран порој од сите страни, а се промовираат како новолиберални вредности. Така потопот бучно ветува дека ќе ни биде подобро, ако цивилизацијата почне да дише – на шкрги!

И додека светот тоне во дехуманизација, во воени силништва на моќните кои во меѓувреме се намножија на светската сцена, во уништувањето татковини и произведувањето бегалци, кризи, социјални контрасти на пребогати поединци и земји и на светски омасовена сиромаштија. Среде тоа ново ропство на политичката прагма, во јавниот дискурс речиси никој веќе – освен непоправливите идеалисти, филозофи и мечтатели на подобри светови – не говори за етичките вредности; за човечноста, за моралот, за идеалите, за политичката култура и етика.

Општеството го владее суровата прагма, а светот кој поетите го замислуваа како градина, како чист и питом парк, како ѓулбавча, како ѓулистан, барем две децении е простор на моќта без скрупули, на профитерството по секоја цена, на корупционерите, клиентелистите, на егоизмот, на партократизмот, на манипулацијата со вистината, која денес се релативизира и се именува како пост-вистина. Денес сѐ станува пост-… ништо не е веќе стабилно, не е сигурно, не е безбедно, не е сега, не е тука и не е целосно. Живееме во испарцелизиран свет и во распарчена, партизирана реалност – рече Османли.

Неговата книга „Парадоксикон“ содржи 12 раскази во одбрана на повредениот човек на денешницата, инструментализираниот човек, многу пати злоупотребената единка, женското битие особено, но и на цели социјално, бирократски или политички повредувани и ранувани колективитети.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 39, во печатеното издание на „Слободен печат“ на 11-12 јули 2020)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот