Херојот од „Прв до врв“

Силвија Митевска

На Скопје му се случи преубав настан. Настан што успеа да мотивира и да инспирира и млади и возрасни да дојдат на Водно и да бидат физички активни. Настан преку кој се развива и се стимулира спортската култура и се учат новите генерации дека недела не е ден за да биде поминат на кауч, туку ден за спорт.

Масовните спортски настани не ми се нешто особено омилени. Како љубител на индивидуални спортови, најчесто спортувам сама или со најблиската пријателка со која делиме страст кон истите авантури. Спортот e мојата религија и секој момент поминат во спортување ми е драгоцен и незаменлив и ретко кога сакам да го делам со други.

Но, оваа година решив да му дадам шанса на скопскиот настан и се регистрирав на „Прв до врв“. Настанот се одржува на нашето Водно, а јас сум подготвена да трчам до врв, секако во категорија рекреативец. Стигнувам на стартното место, ме пречекува пријатно време и убава атмосфера. И, неочекувано, многу луѓе околу мене. Препознавам поранешни колеги и колешки, здогледувам дури и лица со кои сме учеле во основно училиште. Сите насмеани и во одлично расположение. Забележувам многу тимови од банкарскиот и воопшто од приватниот сектор, одлично организирани, стокмени во иста униформа. А, особено ме радува присуството на фамилии со деца, кои се видно возбудени и љубопитни. Тупкаат во место, нетрпеливи да почне трката.

Се ближи времето за почеток, во еден глас одбројуваме до стартот и се затрчуваме кон падините на Водно. На почеток сите сложно, во иста линија, но по неколку минути побрзите се извлекуваат нагоре и вешто се искачуваат по стрмните патеки. Брзам нагоре и јас, а момче на десетина години ме следи во од. Не заостанува ниту по десеттата кривина. Му довикувам да чува сила, сега сме сè уште само на почетокот. Ако се исфорсираш сега, ќе правиш многу паузи за одмор и ќе изгубиш време, му објаснувам.  Ме послушува и забавува со трчањето.

Во секое ќоше на Водно има по некој. Чудно, но овој пат не ми пречат. Напротив, мило ми е што има голема посетеност. Итам нагоре, одминувајќи зацрвенети и задишани лица и за еден час стигнувам на врвот. Задоволна од својот личен рекорд, го смирувам пулсот и уживам во свирката во живо. Музиката од добро познатиот бенд звучи поубаво на врв на Водно, отколку во затемнетото кафуле. Со цедениот сок од портокал се поткачувам погоре и ја набљудувам растрчаната и разџагорена толпа.

На Скопје му се случи преубав настан. Настан што успеа да мотивира и да инспирира и млади и возрасни да дојдат на Водно и да бидат физички активни. Настан преку кој се развива и се стимулира спортската култура и се учат новите генерации дека недела не е ден за да биде поминат на кауч, туку ден за спорт.

Следните месеци ќе има уште многу вакви настани низ Македонија. Се надевам дека ќе има и нови посетители и учесници, и многу побројни ќе бидат оние што наместо по далечинскиот управувач, ќе посегнат по патиките. За оние што ќе посакаат – нови предизвици и нови авантури може да се очекуваат само доколку се излезе од комфорниот дом. Како ние денес.

Симнувајќи се од врвот надолу, се разминуваме со момчето. Забревтан ита нагоре. Црните кадрици од потта му се залепиле на лицето. Мајка му, дваесетина метри подолу, не успева да го стигне. Ми се насмевнува, јас замавнувам со рака. Браво, искрено му се одушевувам. Ти си мој херој, му довикувам, а и другите околу мене го бодрат ракоплескајќи. Се гледаме на следниот врв, ми возвраќа додека поминува преку крајната цел.

Со ваква младина, има надеж, задоволна се спуштам надолу од „Прв до врв“.

(Авторката е активистка и експертка по спортска дипломатија)

ЈАЗИКОТ НА КОЈ СЕ НАПИШАНИ, КАКО И СТАВОВИТЕ ИЗНЕСЕНИ ВО КОЛУМНИТЕ, НЕ СЕ СЕКОГАШ ОДРАЗ НА УРЕДУВАЧКАТА ПОЛИТИКА НА „СЛОБОДЕН ПЕЧАТ“

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот