Херојот Бак во полн сјај: Екранизацијата на „Повикот на дивината“ носи животни поуки и авантура за вистинско уживање

Фото: Imdb

Зарем може да се замисли нечие детство без приказната за кучето Бак, односно култната книга „Повикот на дивината“ од писателот Џек Лондон?

Бак е кучето херој кое сите го паметиме и на кое му се восхитувавме како мали, а сега конечно добивме и екранизација на оваа неверојатна сторија.

Со одбрана актерска екипа, која ја предводи легендарниот Харисон Форд, режисерот Крис Сандерс многу темелно и до детаљ ја разработува и ни ја носи познатата приказна на големото платно.

Со дејството на филмот сме запознати сите, а станува збор за епското патување на кучето Бак, чиј живот драстично се менува откако доживува неочекуван пресврт.

Од својот мирен и топол дом во долината Санта Клара во Калифорнија до куче кое ќе стане влечач на санки на Алјаска, Бак се соочува со многу промени, за на крај конечно да го почувствува повикот на дивината и токму таму да го пронајде своето место.

Во филмот се користени CGI ефекти за создавање на фотореалистични кучиња и шумски животни, кои помагаат Бак да се претстави како неверојатно интересен, добро разработен тродимензионален лик, кој кај гледачите може да предизвика најразлични чувства во текот на филмот.

Од друга страна, Харисон Форд е одличен во улогата на Џон Торнтон, депресивен човек во години, кој откако доживува семејна трагедија му се оддава на алкохолот, па носи одлука да замине далеку од својот дом.

Џон е повремено груб бидејќи во себе носи многу тага и мистерија за своето минато, меѓутоа сепак е личност со добар карактер.

Низ филмот тој ќе стане и последниот сопственик на Бак, кој го смета за свој најдобар пријател. Токму тоа пријателство го менува Џон, па тие двајца заедно се упатуваат на незаборавна авантура, која на крај ќе му помогне на Бак да се пронајде себеси.

Филмот е доста солидно изработен, па нуди посебно кинематографско искуство во кое можете да уживате, а музиката на Џон Пауел е фантастична.

Одлично е снимен, има правилно одмерено темпо и ниту една сцена не делува непотребно.

Од фасцинантни визуелни ефекти, до неверојатни актери и возбудливи заплети, овој филм навистина поседува сè.

Се работи за семеен филм и едно несекојдневно патување на куче и негов најдобар пријател, кое ќе ве наведе на многу насмевки, но и солзи.

Навистина е штета што поради актуелната ситуација ова остварување не може да се погледне во кино, меѓутоа, тоа не значи дека не треба да го погледнете дома, бидејќи ова дефинитивно е филм кој ќе ве остави без здив со својата срдечна авантура и животни поуки кои ги носи со себе.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот