Херој или диктатор? Десет години по смртта на Гадафи, нова надеж за Либија

10 години од смртта на Гадафи/ Фото EPA-EFE/CIRO FUSCO

Десет години откако либиските бунтовници го убија либискиот диктатор Моамер Гадафи, северноафриканската земја се уште не излезе од спиралата на насилство предизвикана од неговото соборување.

Едногодишниот прекин на огнот и мировниот процес предводен од ОН едвај ги прикриваат длабоките поделби, а кризата најверојатно нема да се реши до претстојните избори, велат аналитичарите.

Гадафи владееше со Либија со „железна тупаница“ цели 42 години по државниот удар против монархијата во 1969 година, прикажувајќи се себеси како револуционер, Арап и Африкански херој, додека во исто време безмилосно ја задушуваше целата опозиција.

Протести против Гадафи во Либија/ Фото EPA-EFE/MOHAMED MESSARA

Во 2011 година, тој беше соборен во бунт инспириран од Арапската пролет и поддржан од НАТО.

На 20 октомври истата година, бунтовниците го пронајдоа во неговиот роден град Сирт, го мачеа и го убија на улица, изложувајќи го неговото тело на градскиот пазар.

Неговата смрт, сепак, не донесе демократија или стабилност.

Наместо тоа, Либија се подели по регионални и идеолошки линии, со цела низа мафијашки милиции и нивните странски „ментори“ кои сакаат контрола врз земја богата со нафта.

Прекинот на огнот договорен минатиот октомври доведе до назначување на влада за национално единство со мандат за организирање избори, пушува Инквирер.

Значи, дали претседателските избори закажани за 24-ти декември и парламентарните избори во јануари конечно ќе свртат нова страница во Либија, по една деценија хаос?

„Во споредба со изминатите 10 години, Либија е во многу подобра ситуација“, рече Хамиш Кинеар, аналитичар во истражувачкиот институт „Вериск Меплекрофт“.

„Прекинот на огнот договорен во октомври 2020 година се уште се одржува, а владата на национално единство се уште е на власт како единствена либиска влада. Но, либиската политичка стабилност станува се понеизвесна. Следните шест месеци ќе ни покажат дали мирниот период што следеше по прогласувањето прекин на огнот во октомври 2020 година беше само можност за вооружените фракции да ги залечат раните или вистински напредок кон политичко решение“ вели тој.

Сомнителни резултати?

Либискиот научник Махуд Калфалах исто така се сомнева дека самите избори ќе доведат до „дефинитивно решение“ на кризата.

„За тоа, треба да се запре негативното странско мешање во внатрешните работи на Либија, либиските гласачи треба да покажат зрелост во изборот на нивните претставници, треба да преовладуваат племенските и регионалните поделби и сите страни да ги прифатат изборните резултати“, рече тој.

Ништо од ова не се подразбира.

Патот до изборите е поплочен со жестоки дебати за изборните закони, особено предлог -законот за претседателските избори, кој се чини дека бил наместен за кандидатурата на воениот лидер Калифа Хафтар.

Хафтар е презрен од многумина во западна Либија, особено по едногодишната офанзива на неговата либиска национална армија за освојување на Триполи, во која загинаа илјадници луѓе, пред да биде потиснат во јуни 2020 година од вооружени групи поддржани од Турција.

Кинеар предупреди дека изборите спроведени според контроверзниот закон, без поширока поддршка од групите на Запад, би можеле повторно да ја поделат Либија на ривалски источни и западни влади.

„Ризикот од ова би бил поизразен доколку Хафтар победи на претседателските избори, бидејќи тој е токсична личност за вооружените фракции што го бранеа Триполи за време на неуспешната офанзива на ЛНА“, рече тој.

Либија/ Фото EPA/STRINGER

Нерегуларности

Странските претставници сметаат дека одржувањето на изборите е приоритет и ги игнорираат нерегуларностите што го придружуваат политичкиот процес, вклучително и наводите за корупција околу изборот на привремениот премиер Абдулхамид Дбеиба во февруари.

„Свесни сме дека има нерегуларности, дури и корупција, но сепак веруваме дека овие избори се решението“, рече европски дипломат во Триполи.

Аналитичарот Ахмед ал Рашраш рече дека Либијците „се надеваат дека изборите ќе доведат до подобар живот и политичка стабилност и безбедност“.

Но, многумина изразуваат сомневања дека процесот ќе ги реши проблемите со длабоки корени.

„Се наоѓаме во еден маѓепсан круг поради неуспехот на политичкиот процес“, рече државниот службеник во Триполи, Абделфатах Бенур.

Протест во Либија, 2011-та година/ Фото EPA/MOHAMED MESSARA

Носталгија за Гадафи

Додека тој брутално ги искорени сите форми на противење за време на неговото владеење, многумина уживаа висок животен стандард платен од огромното нафтено богатство на Либија, со највисок БДП по глава на жител во Африка.

Ова е сосема спротивно од денешната ситуација.

Десетгодишниот конфликт ја уништи инфраструктурата и ја погоди економијата, предизвикувајќи хроничен недостаток на енергија и галопирачка инфлација.

Либијците страдаат „и физиолошки и економски“ поради тоа, изјави бизнисменот од Триполи, Исам ал-Мајри, иако рече дека се чувствува „послободен“ од падот на Гадафи.

Фарај Наџиб, кој раководи со мала продавница во источниот град Бенгази, рече дека изборите се „трепка надеж“ за Либијците, сериозно осиромашени од долгогодишниот вооружен конфликт.

Поранешниот претседател на Либија, Муабер Гадафи / фото: Википедија

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот