Хероизмот на Зелената револуција

Фото: Слободен печат/Арбнора Мемети

Ако на 8 септември 1991-та некој од илјадниците граѓани кои ја прославуваа независноста на плоштадот „Македонија“ би застанал да размисли за што ќе се борат нивните деца триесет години подоцна, веројатно би рекол – за еднаков пристап до најновите технологии, повеќе места во научната сфера, или можеби некакви нови рекреативни содржини. Во таа еуфорија од падот на комунизмот, која Фукујама арогантно ја нарече крајот на историјата, сигурно перцепцијата била дека наскоро само ситници ќе не делат од утопијата.

На крај памет не би му паднало дека битката на оваа генерација ќе биде за буквално најесенцијалниот животен предуслов – животната средина. И дека таа битка нема да биде за инкрементални подобрувања, туку битка на живот и смрт!

До таму не доведоа оние кои го отвораа шампањското на денот на независноста, и сите нивни наследници кои еден по друг се надоврзуваа на систематското подривање на државните столбови. Параван за нивните антинародни активности секогаш беа некои симболичко-геополитички идеали, преку кои ги пренасочуваа мислите на македонскиот граѓанин таму каде нив им одговараше, додека во позадина се случуваше касапница на природниот потенцијал на државата. Македонија го изгуби својот идентитет преку изградбата на хидроцентрали во заштитени подрачја, гасоводи преку шуми и планини, рудници на смртта во земјоделски краишта, индустриски капацитети со очајни еколошки стандарди за да им се угоди на странските инвеститори, преку увозот на отпад и устоличувањето на урбаната мафија. Земјата која некогаш беше позната по својата природна убавина, се претвори во тотален контраст на она што некогаш го претставуваше.

А со земјата, се смени и народот. Иако многумина го сведуваат злото од децениите на криминал и корупција на општото осиромашување на државата, тука не завршува одговорноста на властодршците за несреќата на нивните сонародници. Напротив, тоа е само површината. Вистинската трагедија доаѓа од фактот што искривените вредности на владејачката каста со текот на времето се одразија на менталитетот на граѓаните. Порано, заштитен знак на Македонецот беа кроткоста и топлината. Сега, по светлиот пример на нашите лидери, тоа се неодговорноста и неморалот, кои се манифестираат преку шокантната негрижа за животната средина. Бездруго, поминувајќи низ толку разочарувања; транзиција, војна, режим, масовни протести, промена на име, изолација, не е ни чудо што безнадежноста не претвори во мазохистички ѕверови кои ја сечат гранката на која седат.

Но надежта никогаш не е вистински мртва, а чуда сепак се случуваат. Наспроти целата општествена апатија, неколкумина млади луѓе во Скопје, инспирирани од светското движење за борба со климатските промени Fridays For Future, увидоа до кое ниво сме стигнати откако го заборавивме тоа што е најважно. Овие луѓе, поврзани преку идејата за климатска правда, сфатија дека за да ја спасиш планетата, најпрвин треба да ја спасиш твојата земја. Кога тие го кренаа гласот против трулежот на нивното општество, нивниот бунтовен дух претставуваше катализатор за долгогодишните борци за животната средина да ги обединат своите сили. Како резултат на ова обединување, триесет организации заеднички на 29-ти ноември мобилизираа илјадници граѓани да излезат на марш под слоганот Зелена Револуција.

Зошто Зелена револуција?

Затоа што мора да биде тоа. Маршот кој го предводеше Fridays For Future Skopje е повеќе од протест за чист воздух. Тој претставува потенцијална пресвртна точка од агонијата која е насекаде околу нас, а која ја препознаваме преку расфрланото ѓубре, загушливиот воздух и исечените шуми. Граѓаните кои беа дел од тој марш гледаат дека во општество кое е дисфункционално на буквално секое ниво, промената мора да почне од најосновното. Постарите меѓу нив бараат враќање на сето она што го изгубија следејќи лажни пророци низ годините, додека младите кои израснале во овој токсичен амбиент и не познаваат поинаков, едноставно повеќе немаат што да изгубат. Ако првите се свртени кон минатото, а вторите кон иднината, и на едните и на другите им е згадено од сегашноста.

А во таа сегашност, на улиците се случува нешто поголемо дури и од историското обединување на еколошките организации во овој Зелен фронт. На улиците, граѓаните го надминаа не само генерацискиот, туку и идеолошкиот јаз, откако увидоа дека традиционалните леви и десни опции се супер ефикасни кога треба да ги направат богатите уште побогати, но хендикепирани во обезбедувањето на основните човекови права на сите останати. Затоа, најавата на активистите дека ако Владата не ги исполни нивните 123 барања, ќе се повлечат од институционалниот дијалог прецизно го одразува колективното расположение. Во контекст на историска еколошка криза, се чини дека нацијата конечно го пронаоѓа вистинското значење на патриотизмот, преку инстинктот за спасување на националното природно богатство и здравјето на своите членови.

На тој начин, Зелена револуција или бојкот станува новото “Слобода или смрт”. Ултиматумот демонстрира огромна храброст и решителност во потрагата за радикална промена. Барањата на Зелениот фронт имплицираат ревизија на принципите и практиките на политичко одлучување и редефинирање на општествените приоритети, како зачеток на македонски Green New Deal кој би го ревитализирал целото општество. Но, револуционерната природа на зеленото движење е во комбинацијата на барањата и ултиматумот. Заедно, тие претставуваат последна шанса за дискредитираните партиски структури, пред конечно раскрстување со сите нив. Кога движењето ќе премине од натпартиско во антипартиско, тогаш и излитената фраза “револуција” ќе добие повеќе од симболично значење.

Во тоа се состои и клучната разлика од Шарената револуција, чие сеќавање кај многумина буди горчина, од разбирливи причини. Многумина стравуваат од повторна партиска кооптација на автентичната борба, но овој пат услови за таков развој на настаните нема. Првата причина е самата закана за изборен бојкот, што од старт создава дистанца меѓу движењето и партиите на кои тоа никако не им одговара. Втората причина е што оваа генерација е првата која конечно ја научи лекцијата да не му верува никому кој е дел од декадентната династија залиена со шампањското на плоштадот Македонија на 8 септември 1991-та.

Но ова не значи дека и сонот за општество прочистено од загадување, корупција и неправди е мртов. Шарената револуција доживеа предавство, но таа е веќе дел од историјата, исто како и Крушевската република и Денот на независноста. Од неа можеме да се срамиме и да се преправаме дека не постоела, или да се обидеме да бидеме подобри од тоа што го остварила. Преку масовниот одзив на повикот од Fridays For Future и 29-те сојузници, граѓаните за прв пат по 2015-та го отфрлија нихилизмот и барем накратко се препуштија на надежта дека можеме подобро. За почеток, барем во третманот на животната средина, како прв чекор кон утопијата во далечната иднина. Во денешни услови, тоа е херојски чин.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот