Хероите на градот на висина на задачата

Петре Шилегов, градоначалник на Град Скопје. / Фото: Слободен печат

Во ваква кризна состојба во земјата, поширокиот регион и во светот, градот Скопје покажа дека има капацитет не само да се справи со пожарите во Скопскиот регион, туку и да помогне во другите кризни региони кога е најпотребно.

„Светот гори“ – е само еден од многуте застрашувачки наслови во светските медиуми за катастрофалните пожари што беснеат на северната хемисфера. Научниците одамна предупредуваа дека растот на глобалните температури, како резултат на емисиите од штетни гасови, го зголемува ризикот од пожари.

Последниов месец бевме сведоци дека комбинацијата од екстремна жештина и долготрајна суша може да предизвика огнена катастрофа и да загрози цели региони во Европа, САД и Канада. За жал, гори и тајгата во Сибир, а чадот од огромните сибирски шуми за прв пат во историјата стигна и до Северниот пол.

Очекувано, кај нас во фокусот беа големите пожари во Македонија и соседните балкански и медитерански земји. Апокалиптичните снимки од познатите летувалишта во Турција (Мармарис и Анталија) и од Грција (околу Атина, на островот Евија и Пелопонез) го обиколија светот и испратија предупредување за огромните штети од екстремните климатски промени (екстремите беа особено видливи во Италија и во Турција, каде што северните делови беа зафатени од големи поплави, а јужните од досега невидени пожари).

Штетите од пожарите се големи и кај нас, но уште поголеми се во регионите каде што огнените јазици пеплосаа илјадници домови и одзедоа повеќе човечки животи. Човечки жртви од „историските“ пожари има регистрирано во Турција, Италија, Бугарија (двајца шумари при гаснење пожар), Албанија, а особено потресни вести стигнаа од Алжир, кој прогласи тродневна жалост за неколкуте десетици жртви од шумски пожари (од кои голем број војници ангажирани во гаснењето).

Сведоци сме и на натчовечки напори за справување со огнената стихија, како и на активирање на механизмите за цивилна заштита во ЕУ, НАТО и на меѓународната солидарност. Во ваква кризна состојба во земјата, поширокиот регион и во светот, градот Скопје покажа дека има капацитет не само да се справи со пожарите во Скопскиот регион, туку и да помогне во другите кризни региони кога е најпотребно.

Хероите на градот се солидаризираа кога беше најпотребно

За празникот „Илинден“ скопските пожарникари гаснеа 9 пожари во Скопско, а две екипи беа на испомош во Старо Нагоричане. Но, веднаш штом се прошири веста дека поради силниот ветер пожар има зафатено куќи над Кочани, три екипи од скопската бригада се упатија кон Кочани, заедно со 6 цистерни за вода за гаснење на пожарот.

Скопската пожарна покажа дека е на висина на својата задача и во наредните денови кога се воведе забрана за движење во шумските предели низ земјата и се прогласи кризна состојба. Иако пожарите беа секојдневие во Скопскиот регион, град Скопје покажа дека е солидарен со испраќање три екипи пожарникари со три возила, придружувани со три цистерни со вода во Пехчево и во Делчево. Нашите херои на градот помогнаа во гаснење на пожарот на патниот правец Пехчево-Делчево, а беа активни и на „врвот“ на пожарот.

Петти август беше исклучително тежок ден за екипите на Пожарна Скопје, кои имаа дури 22 интервенции на територијата на Скопје, вклучително и во фабриката ОХИС. Сите пожари беа изгаснати, а градот Скопје истиот ден одлучи да им додели парични награди од 10.000 денари на 194 пожарникари заради нивната пожртвуваност во гаснењето на огнената стихија што ги зафати Старо Нагоричане, Кочани, Пехчево…

Ефикасноста на новата противпожарна скала

Вечерта на седми август се одвиваше вистинска драма на врвот на Катната гаража „26 јули“. Новинарите известија дека „повеќе од 200 гости цел живот ќе го паметат моментот кога персоналот им рекол да бегаат за да спасат жива глава“ од пожарот.

Благодарение на брзата интервенција на скопските пожарникари екипирани со новата 45-метарска повеќенаменска противпожарна скала, пожарот што избувна во ресторанот „Рагуза“ на покривот на висококатната гаража беше изгасен во најбрз можен рок. Клучна за брзо локализирање и ефикасно гаснење на пожарот на високата локација беше противпожарната скала, која спречи проширување на пожарот низ долните катови од катната гаража и предизвикување огромна материјална штета.

Истиот ден кога медиумите нашироко известуваа за ефикасноста на противпожарните скали, опозициската ВМРО-ДПМНЕ упати клеветнички напади дека „никаде ги нема скалите од два милиона евра, додека Скопје тоне во пожари“. Зарем е можно во ДПМНЕ до толку да не беа информирани дека новата 45-метарска скала (која, патем, заедно со големиот пакет дополнителна опрема чини 1,7, а не два милиона евра) ја покажа сета своја ефикасност при гасење на пожарите во Охис и на катната гаража „26 јули“?

Зошто во ДПМНЕ толку упорно продолжија да ја игнорираат и да ја потценуваат ефикасноста на скопската противпожарна бригада и на новата повеќенаменска противпожарна скала, која максималната височина ја достигнува за само 20 секунди? Но, игнорирањето и потценувањето на скопската пожарна е нивни проблем. Најбитно е што нашите „херои на градот“ спречија човечки жртви и голема материјална штета. И сопствениците на „Рагуза“ изразија огромна благодарност не само до противпожарната служба за брзата интервенција, туку и до градоначалникот за набавка на противпожарната скала.

Инвестиравме и ќе продолжиме да инвестираме во противпожарната единица

Кога станува збор за професии, малку од нив се ризични и одговорни како онаа на пожарникарите. Токму затоа инвестициите во противпожарната единица беа наша должност и затоа нашиот влог во последните четири години е за три пати поголем. Инвестиравме во подобрување на работните услови на „хероите на градот“, инвестиравме и во набавка на нови возила и нова опрема за да ги извршуваат своите обврски уште подобро и за да се обезбеди подобра заштита на сите граѓани.

Во изминатите четири години Градот Скопје ги зголеми платите на пожарникарите, а се зголеми и капацитетот на бригадата (вработени се вкупно 41 пожарникар, а во тек е конкурсот за вработување уште 20 нови пожарникари).

Освен набавката на новата противпожарна скала со најмодерна дополнителна опрема набавени се и нови изолациони дишни апарати, униформи и чевли кои ги задоволуваат сите стандарди за безбедност. Обновена е и противпожарната опрема со нови црева и арматури, а набавена е и опрема за справување со шумски пожари со што се подига нивото на заштита на природата на комплексите Водно, Сарај и Матка.

Безбедноста на граѓаните е и секогаш ќе биде на прво место, затоа Градот Скопје ќе продолжи со модернизација на противпожарната бригада, за да биде противпожарната заштита уште побрза и поефикасна.

Би сакал да им се заблагодарам на сите пожарникари, претставниците на армијата и полицијата и екипите од сите земји што дадоа помош при гаснењето на пожарите во Македонија и спречија голема материјална штета и човечки жртви кои, за жал, не беа спречени во повеќето други земји погодени од пожари и поплави.

Пожарите и поплавите во блиските региони се уште едно предупредување дека мора да ги зајакнеме механизмите за заштита и да продолжиме со политиките за намалување на емисии на штетни гасови. За да го направиме градот Скопје поотпорен на климатските промени, ќе продолжиме со спроведувањето на политики за еколошко Скопје и за намалување на загадувањето. Ќе продолжиме со субвенционирање инвертери со кои намаливме илјадници оџаци, со расчистување депонии и нивно претворање во паркови, со спречување на палење огнови и стрништа, со поефикасно казнување на загадувачи, со зголемување на опфатот на топловодната градска мрежа, со градење вело-патеки и субвенционирање велосипеди, со воведување на брз и ефикасен јавен транспорт со модерни и ефикасни еко-автобуси, со нови зелени кровови, паркови и зелени површини итн.

Само заедно и солидарно, чекор по чекор, Скопје може да стане модерен град, кој е отпорен и имун на климатските промени.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот