„Херитиџ”: Македонија има најслободна економија во регионот

Северна Македонија е рангирана на 33-то место во светот според индексот на економски слободи за 2019, што го изработи фондацијата „Херитиџ”.

Со резултат 71,1 Северна Македонија е најдобро позиционирана во регионот. Зад неа е Бугарија на 37 место, Косово е 51., Албанија на 52., Србија 69., БиХ 83., Хрватска 86., Црна Гора 92., а Грција на 106. место.

Индексот на економски слободи се изработува врз основа на четири критериуми – владеење на правото, јавното трошење, регулаторна ефикасност и отвореност на пазарот.

Според „Херитиџ”, земјата и натаму е макроекономски стабилна, но нејзините економски перформанси се загрозени од внатрешната политичка криза. Се забележуваат слабост на фискалната политика, непродуктивни трошења и натамошно постоење на сива економија која се проценува дека зафаќа 20 – 45 проценти од БДП.

Потребни се структурни реформи и справување со корупцијата и гломазната администрација. Правна рамка постои, но проблем е спроведувањето, што ја поткопува довербата на јавноста дека постои подготвеност да се гонат корумпираните официјални преставници. Владата донесе некои антикорупциски мерки, но и натаму е присутно политичкото мешање, непотизмот, и одолговлекувањето на судските процеси.

Според извештајот на „Херитиџ”, најголеми економски слободи во светот има во Хонгконг, Сингапур и Нов Зеланд, а најмали во Куба, Венецуела и Северна Кореја.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот