ХЕРА, Хелсиншки комитет и „Маргини“ поднесоа кривична пријава против „Од нас за нас“

Здруженијата ХЕРА – Асоцијација за здравствена едукација и истражување, Хелсиншкиот комитет за човекови права и Коалиција Маргини поднесоа кривична пријава против Здружението за заштита на човековите права „Од нас за нас“ за поттикнување омраза и дискриминација врз повеќе основи. Самостојно, ХЕРА поднесе и тужба за утврдување граѓанска одговорност за навреда и клевета.

Овие чекори се преземени согласно реакцијата на ХЕРА по која здружението „Од нас за нас” не само што не се извини и не ги повлече лагите за сексуалното образование и за ХЕРА, туку и продолжи да шири невистини и да објавува несоодветни визуелни материјали во врска со пилотирањето на сексуалното образование во Македонија. Со ова „Од нас за нас” недвосмислено со месеци наназад исто така активно промовира и поттикнува омраза и дискриминација не само кон ХЕРА и организациите и поединците кои го поддржуваат предметот сексуално образование, туку и против децата, жените и ЛГБТИ луѓето.

Преку објавите на својата веб-страница и Фејсбук-страница, здружението „Од нас за нас” го поткрепува своето несогласување во врска со пилотирањето на сексуалното образование во земјава со пишан материјал полн лажни информации за креаторот и содржината на пилот-програмата и за начинот на нејзиното спроведување. Притоа, користи фотографии и илустрации од преплашени деца и од разголени детски тела со замаглени гениталии кои се преземени од други образовни системи и кои не се дел од прирачните материјали развиени за потребите на овдешната пилот-програма, со единствена намера да предизвика страв и дезинформираност кај јавноста.

Дека здружението не е искрено во своите намери правилно да ги информира граѓаните ниту е доследно на своите заложби за рамноправност на сите граѓани потврдуваат и неговите Фејсбук-објави преку кои со умисла предизвикува дискриминација и омраза. Доволен показател за ова се коментарите под објавите кои се пример за навреди, исмејување и говор на омраза врз основа на пол, род и сексуална ориентација – објави на кои здружението во ниту еден наврат не реагира. Во услови кога стапката на насилство кон девојките и жените е на загрижувачко ниво, говорот на омраза кон маргинализираните групи и постапките на здружението во Интернет-просторот директно охрабруваат хомофобија и дискриминација врз жените.

Очекуваме Јавното обвинителство да ја прифати кривичната пријава и да започне постапка со што, конечно, ќе даде пример дека во оваа земја не смее да има простор за поттикнување говор на омраза кон ранливите групи на граѓани и за ширење лаги кои директно се одразуваат на здравјето на младите. Дополнително, очекуваме и Основниот суд да утврди граѓанска одговорност за навреда и клевета за лагите и невистините кои ги пласира ова здружение.

Обврската за воведување сексуално образование произлегува од низа меѓународни документи кои Република Северна Македонија ги има потпишано и ратификувано, вклучително и од препораките на последниот извештај на Комитетот за елиминација на сите форми на дискриминација врз жената, според кои и наставниците треба да имаат значајна улога во справувањето со родовите стереотипи. Воведувањето на сексуалното образование се предвидува и во повеќе национални стратегиски документи на кои се имаат обврзано владите на Македонија од 2010 година наваму. Сексуалното образование во училиштата се предвидува како мерка за спречување на насилството кај младите и со Новиот закон за спречување насилство врз жените и семејно насилство,  усвоен од Собранието во јануари 2021 година, се вели во соопштението на ХЕРА, Хелсиншки комитет за човекови права и Коалиција Маргини.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот