Хелсиншки комитет за човекови права: Спортскиот терен не е место за омраза

Фото: EPA-EFE/GEORGI LICOVSKI
Хелсиншкиот комитет за човекови права го осудува говорот на омраза искажан на фудбалскиот натпревар помеѓу репрезентациите на Северна Македонија и Бугарија и предупредува дека тој има дополнителна тежина во контекст на актуелните политички односи.

-Иако социјалните мрежи во последниве години станаа примарна арена на говорот на омраза во нашето општество, и понатаму не изостанува злоупотребата на спортските трибини за пласирање понижувачки и навредливи пораки мотивирaни од омраза. За жал, говорот на омраза заснован на етничка и национална припадност традиционално се излева на спортските натпревари, а единствено што се менува е субјектот на омраза на конкретен настан, во зависност од учесниците, велат од Хелсиншкиот комитет.

Но, како што соопштија од здружението, со оглед на популарноста на спортските настани, загрижувачки е што таму изнесените пораки полни со омраза добиваат поголема видливост, вклучително и на традиционалните медиуми, а со тоа се зголемуваат и негативните ефекти од ваквиот говор.

Токму такви последици, како што потенцираат, имаат извиците и пораките од навивачите на фудбалскиот натпревар помеѓу репрезентациите на Северна Македонија и Бугарија.

– Разорните ефекти од јавно манифестираната омраза значат понатамошно продлабочување на поделбите и намалување на просторот за рационален и толерантен дијалог во рамки на општеството и во меѓусоседските релации, посочуваат во соопштение.

Хелсиншкиот комитет апелира до сите политички, спортски и други општествени чинители да се придружат во осудата на овој говор, и тоа да го сторат не само заради политичкиот момент, туку и за да се испрати јасна порака дека е неприфатливо ширењето омраза на јавни места и настани.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот