Хелсиншки комитет: Трендот на пораст на криминалот од омраза продолжи и во 2019 година

Хелсиншкиот комитет денеска на Европскиот ден на жртвите на криминалот од омраза, го објави Годишниот извештај за криминалот од омраза за изминатата година, во кој констатира дека тенденцијата на пораст на бројката на вакви дела, нотирана во 2018 година, продолжи и во 2019 година.

-Во периодот од 1 јануари до 31 декември 2019 година, МХК регистрираше вкупно 159 инциденти и дела од омраза. Инцидентите беа регистрирани веднаш откако беа пријавени од страна на медиумите или МВР. Притоа, од вкупниот број регистрирани инциденти, потврдени се 33 инциденти (20 отсто), додека 126 инциденти (80 отсто) остануваат непотврдени. Како непотврдени дела од омраза, во најголем дел остануваат оние инциденти кај кои во согласност со другите индикатори постои разумно верување дека се сторени поради етничката припадност на жртвата односно сторителот. И покрај нашите барања упатени до МВР за потврда дали етничката припадност како индикатор е присутна кај овие инциденти и дела, таква потврда од таму не добивме, се наведува во извештајот.

Во 2019 година, дела од омраза се сторени поради етничка припадност (84,9 отсто), политичка припадност (9,4 отсто), статус на мигрант/бегалец (1.2 отсто), религија и верско уверување (1.2 отсто), националност (1.2 отсто), сексуална ориентација/родов идентитет (1.2 отсто), и раса (0.9 отсто).

-Најголем број инциденти – 136 (85,5 отсто) се регистрирани во Скопје и околните општини. Во Тетово се регистрирани 6 инциденти, 7 инциденти во Куманово, 4 инциденти во Гостивар, 2 инциденти во Битола и Струга и 1 инцидент во Велес, Гевгелија, Охрид, Вевчани, Штип, Виница, Ресен и Македонска Каменица, стои во извештајот.

И оваа година, наведува МХК, инцидентите во Скопје и околината вклучуваат напади помеѓу припадниците на македонската и албанската етничка заедница, како и оштетување на имотот на политичките партии. Процентуално овие инциденти најмногу се застапени на ниво на полициските станици во општина Центар и општина Аеродром.

Мнозинството од наведените кривични дела вклучуваат: Насилство (115), Оштетување на туѓ имот (16), Телесна и Тешка телесна повреда (16), Предизвикување национална, расна или верска омраза, раздор или нетрпеливост (12), Ширење на расистички и ксенофобичен материјал по пат на компјутерски систем (2), Разбојништво (2) и Загрозување на сигурноста (2).

МХК оценува дека зголемениот број инциденти извршени по основ на етничка припадност достигнува алармирачки 86 проценти од сите регистрирани инциденти. Скоро инциденти се случиле помеѓу припадници на македонската и на албанската етничка заедница, а најзагрижувачки е фактот дека огромното мнозинство на жртви и сторители на тие инциденти се малолетници/младинци. Некои од делата од омраза се извршуваат поради одмазда или ретрибуција поради претходен инцидент.

Хелсиншки исто така констатира дека политичките партии продолжуваат со поттикнување на говор на омраза преку нивните јавни настапи за време на предизборните кампањи.Исто така, говорот на омраза во голема мера е користен во рубриките наменети за коментари во електронските медиуми што генерираат политички вести.

-Покрај заложбите на Владата во насока на зголемување на заштитата на правата на ЛГБТ заедницата, како и покрај изборот на нов државен јавен обвинител, случаите на дела од омраза сторени врз ЛГБТИ заедницата во периодот од 2013-2015 година сѐ уште остануваат нерешени во јавното обвинителство. Сѐ уште е нејасно дали властите ја препознаваат разликата помеѓу делата од омраза и говорот на омраза. Измените и дополнувањата на Кривичниот законик кои се однесуваа на криминал од омраза, а беа усвоени во декември 2018 година, стапија во сила на 8 јануари 2019 година. Ова е многу значајна промена во законодавството и како резултат треба да покаже зголемување на кривичното гонење за криминалот од омраза. Во таа насока, согласно одговорите на барањата за пристап до информации упатени до МВР, се забележува дека за првпат полициските станици експлицитно квалификуваа кривични дела како дела од омраза, се наведува во извештајот.

МХК препорачува за да се прекине овој негативен тренд кој има далекусежни последици во општество, пред се неопходно е да се осигура брза, ажурна и ефективна истрага и гонење на делата од омраза, гарантирајќи дека пристрасните мотиви се земени предвид и во текот на кривичната постапка. Од особена важност е преземањето на соодветни мерки за да се подобри довербата во институциите, а со тоа и да се потпомогне пријавувањето на делата од омраза од страна на жртвите, кои мора да бидат поддржани и заштитени. Исто така, потребно е да се унапреди обуката на релевантните практичари кои доаѓаат во контакт со жртвите. И секако, нешто на што речиси и да не се обрнува внимание, а е од огромно значење за понатамошно справување со овој феномен особено кај помладите генерации, е потребата од јакнење на превентивните мерки преку образованието и културата, заклучува МХК.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот