Хелсиншки комитет: Расизмот и дискриминацијата сѐ уште се главен белег на односот кон Ромите

Расизмот и дискриминацијата сѐ уште се главен белег на односот кон Ромите, велат од Хелсиншки комитет за човекови права по повод денешниот Светски ден на Ромите.

На овој ден, посочуваат оттаму, кога низ светот се одбележува ромската култура, продолжуваме со долгогодишната борба за подобар и подостоинствен живот на Ромите и потсетуваме на системската дискриминација со која тие секојдневно се соочуваат.

– Оттука, неизбежно е да се навратиме на случаите на расно профилирање, полициска бруталност и нееднаков однос кон припадниците на оваа заедница на многу нивоа во нашето општество, што се случуваа во изминатава кризна година. На почетокот на пандемијата, граѓанскиот сектор апелираше за воведување засилени превентивни мерки за заштита од Ковид-19 во населбите каде што живее ромско население, поради ранливата состојба во која многумина немаат пристап до чиста и питка вода и санитетски материјали, како клучни за заштита од коронавирусот. Имајќи предвид дека последиците од пандемијата особено можат да ја погодат ромската заедница, како на социјален, така и на економски план, неопходно е носење посебни мерки за помош и солидарност кои ќе ги адресираат специфичните околности во кои живеат Ромите, се вели во соопштението на Хелсиншки комитет.

Оттаму потенцираат дека пристапот до здравствена заштита и понатаму останува проблематичен за Ромите, што беше дополнително изразено во услови на пандемија.

– Нееднаквиот третман и дискриминацијата во здравствениот систем со кои тие се соочуваат, изминатава година беа потврдени и со одлуката на CEDAW Комитетот по поднесена претставка од Хелсиншкиот комитет за човекови права. CEDAW утврди неправда и даде препораки за државата за структурни промени и искоренување на штетните практики во пристапот до гинеколошки услуги на Ромките, истакнуваат од Хелсиншки комитет.

Покрај стравувањата поврзани со здравствената криза, потенцираат оттаму, вкоренетиот расизам кон Ромите се манифестираше во низа други инциденти.

– Полициската бруталност кон припадниците на ромската заедница стана честа практика изминатава година, што говори за постоење на расистички предрасуди кај полициските службеници и непрофесионално и незаконско постапување. Таков беше случајот со постапувањето на полицијата со бездомни лица во Скопје и двата случаи на полициска бруталност во Битола. Расистичко и насилничко однесување беше забележанано и кај други службени лица, како во инцидентот со контролорите на ЈСП и студентот Сирхан Усеин. Расното профилирање беше очигледно и во случајот со групата музичари, кои организирано се враќаа во земјава од Италија на почетокот на пандемијата. Тие беа ставени во карантин во Пепелиште, а по реакциите за лошите услови беа преместени во Демир Капија. Од друга страна, сите останати 200 патници биле упатени да се самоизолираат во своите домови. Комитетот за елиминација на расната дискриминација посочува дека расното профилирање има негативни и кумулативни ефекти врз благосостојбата на поединците и заедниците, имајќи предвид дека едно лице може секојдневно да биде подложено на расно профилирање во неговиот или нејзиниот живот, се посочува во соопштението.

Од Хелсиншки комитет посочуваат дека жртвите честопати го интернализираат неговото влијание во услови на недостиг на ефективни лекови и средства за надоместок на претрпената штета. – Воедно, на овој начин кај жртвите на расно профилирање се создава огромна недоверба во надлежните институции за спроведување на законите. Кај нив се создава чувство на неправда, понижување и страв од повторување, а тие дополнително стануваат и потенцијални жртви на секундарна виктимизација, се наведува во соопштението на Хелсиншки комитет.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот