Хелсиншки комитет: Мерките што се преземаат мора да бидат во согласност со принципите на неопходност и пропорционалност

Хелсиншкиот комитет за човекови права апелира до Владата да се постапува со должно внимание при усвојување и преземање на мерките против коронавирусот.

„Поттикнати од дел од предлозите што овие денови се доставуваат до Владата, а кои претставуваат сериозно и несразмерно нарушување на човековите слободи и права, Хелсиншкиот комитет апелира да се постапува со должно внимание при усвојување и преземање на мерките. Предлозите за задолжително јавно именување на лицата кои се во самоизолација и за објавување на реоните од Скопје во кои се лоцирани случаи, се непропорционално инвазивни и целосно ја одземаат приватноста на засегнатите лица притоа создавајќи стигма кон потенцијално заболените лица.

Во време на вонредна состојба, Владата може да презема активности надвор од рамките на она што би било дозволено во нормални околности. Меѓутоа, вонредната состојба во никој случај не смее да претставува изговор за надлежните органи да ги кршат човековите права. Преземените мерки не смеат да отстапуваат од обврската за заштита на најранливите категории граѓани, односно, оние најпогодените од воведувањето на вонредна состојба. Ова се однесува на лицата со ниски примања, изолираното рурално население, лицата со потешки здравствени состојби, лицата со попреченост, бездомните лица и постарите лица кои живеат сами или во некаква институција. Човековите права и слободи мораат да бидат земени предвид при одлучувањето за преземање на мерки додека трае оваа состојба.

Во извесна смисла, прибегнувањето кон вонредна состојба претставува премин од правило кон исклучок. Концептот за итност е заснован на идејата за ненадејна и неочекувана појава, како моменталната ситуација со КОВИД-19, чии ефекти водат до преземање на невообичаени правни и политички одговори. Токму затоа, реакцијата треба да биде ефикасна и мерките кои се преземаат мора соодветно да бидат таргетирани за да ги дадат посакуваните резултати. Тоа е во целосна спротивност со преполните автобуси на Јавното сообраќајно претпријатие Скопје и работата во фабриките каде во една смена и мал простор, работни обврски извршуваат по неколку стотици луѓе.

За времетраењето на вонредната состојба, државата не смее произволно да го спречува уживањето на човековите права или пак, произволно да ги ограничува човековите слободи, за чие обезбедување и заштита е одговорна. Мерките треба да бидат преземени строго во согласност со барањата што ги наложува ситуацијата. Согласно домашните и меѓународните стандарди, ограничувањето на правата и слободите во никој случај не смее да биде дискриминаторско по основ на пол, раса, боја на кожа, јазик, вера, национално или социјално потекло, имотна или општествена положба. Произволното интервенирање би било спротивно на јавниот интерес и општото добро, а уредбите со законска сила кои ги носи Владата би биле спротивни на меѓународното право. Пример за тоа како не треба да се постапува е последната реакција на Министерството за внатрешни работи, кое на социјалната мрежа „Инстаграм“ се заканува дека ќе казнува за секој негативен коментар и порака. Ваквото грубо ограничување на слободата на изразување е целосно несоодветно со сегашната состојба и е непропорционално во однос на целта која треба да се постигне, која во оваа објава не е ниту јасно определена.

Кое било мешање во заштитата на човековите права, кое не придонесува за некоја повисока цел, ги прави преземените мерки неефикасни и во спротивност со барањата што ги наложува ситуацијата. Оттука, нејасна е целта на радикалната забрана за движење на населението во периодот од 21 до 06 часот секој ден и насловувањето на оваа мерка „полициски час“ додека во текот на денот парковите, игралиштата и другите јавни површини остануваат главни собиралишта на големи групи луѓе. Можноста за ширење на вирусот е еднакво голема во секој дел од денот и затоа е клучно рестрикциите што се преземаат да бидат добро осмислени како би можеле да гарантираат заштита на јавното здравје и брзо надминување на здравствената криза.“, соопштија од Хелсиншки комитет.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот