Хелсиншки комитет: Кукастите крстови врз куќите на Ромите во Битола се злосторство од омраза

Натписи на куќи на Роми во Битола/Фото: ФБ

Хелсиншкиот комитет за човекови права најостро го осудува случајот со пишување навредливи графити со кукасти крстови и натписи „Ѓупци“, испишани со црн спреј врз куќи на ромско население на улица Дебарска во Битола. Се работи за уште еден случај на злостортво од омраза, со порака кој упатува на повик за насилство кон ромската етничка заедница.

-Тргнувајќи од стремежот за градење соживот, толеранција и меѓусебно почитување без разлика на националната, етничката, религиозната или било која друга припадност, бараме надлежните институции, пред се’ Министерството за внатрешни работи и Обвинителството темелно да го испитаат случајот, да ги најдат сторителите, кои треба да одговараат за ова дело, соопшти ХК.

Хелсиншкиот комитет очекува МВР и ОЈО правилно да го квалификуваат ова дело како дело од омраза. Од своја страна ќе поднесеме кривична пријава и во иднина ќе ги следиме сите активности што се преземаат во врска со случајот.

Инаку, Хелсиншкиот комитет во изминатите години во неколку наврати алармираше за присуство на говор на омраза кон ромската заедница во Општината Битола и потребата за преземање на конкретни чекори за зголемување на свеста кај граѓаните за меѓуетничка, меѓурелигиозна и меѓукултурна толеранција и соживот.

-Соодветната реакција од институциите во вакви моменти е од исклучително значење, бидејќи пропуштањето да се даде ефикасна заштита на жртвите на говорот и делата од омраза може да резултира со обесхрабрување на жртвите да бараат заштита, а охрабрување на сторителите да го повторат делото. Расното профилирање на Ромите и понатаму останува клучниот фактор кој го спречува еднаквиот пристап до добра и услуги и го засилува нивниот маргинализиран статус во општеството. Токму поради сето ова, Хелсиншкиот комитет за човекови права смета дека реални подобрувања се можни само преку значителна промена на односот на државните органи кон оваа заедница, нагласуваат од Хелсиншкиот комитет.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот