Хелсиншки комитет: Итно да се преземат мерки против отпуштања од работа додека трае кризата

Хелсиншкиот комитет за човекови права апелира до работодавачите да не ја злоупотребуваат вонредната состојба и да даваат откази или пак да ги намалуваат платите.

„Голем број работници го известија Хелсиншкиот комитет за човекови права дека одредени работодавачи ја злоупотребуваат вонредната состојба и најавуваат откажување на договорите за вработување на цели групи вработени лица или значителни намалувања на платите. Ова се надоврзува на фактот што Агенцијата за вработување во Охрид веќе добила пријави за одјавувања на вработени во текстилните фабрики, фабриките за производство на обувки, хотелите и рестораните.

Од овие причини, сметаме дека е неопходен мораториум на сите откажувања на договорот за вработување од страна на работодавачот (деловни причини) и на сите намалувања на платите во периодот додека трае вонредната состојба. Апелираме до работодавачите да не го користат овој тежок период за лични интереси, туку да се вклучат и доколку можат, да помогнат во надминувањето на здравствената криза во државата. Во овие исклучително непредвидливи и тешки времиња, останувањето без плата за најголем дел од работниците ќе значи ризик по нивната егзистенција и токму затоа се потребни солидарноста и заедништвото. Дотолку повеќе, физичките и правните лица кои не ги почитуваат и ги прекршуваат препораките, ќе сносат кривична одговорност согласно членовите 205 и 206 од Кривичниот законик.

Апелираме до работниците да не потпишуваат ништо без претходно да се консултираат со правник и/или адвокат. Правниот тим на Хелсиншкиот комитет е достапен за бесплатна правна консултација секој работен ден од 9.00 до 14.00 часот.

Сите кои ќе се соочат со прекршување на нивните работнички права, тоа можат да го пријават во Државниот инспекторат за труд на телефонскиот број 151 31 или во Хелсиншкиот комитет за човекови права, на телефонските броеви 02 3119 073, 072 278 436 или на електронската адреса [email protected].“, соопштија од Хелсиншкиот комитет.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот