„Hello World“ – Деби албумот на „Stoned Hedge“ достапен на сите дигитални музички платформи

По промоцијата на својот прв сингл „Little Heads“, младиот инди-рок состав „Stoned Hedge“ денес го издава својот прв студиски албум под етикетата на „Пасворд Продакшн“.

„Stoned Hedge“ е млад инди-рок бенд од Тетово, формиран во 2018 година. На самите почетоци, бендот свири преработки насекаде низ Македонија, за во август 2020 година да почне да создава авторска музика. Бендот е составен од 4 члена и тоа Ангела Маринковска – вокал, Исмаил Камбери – гитара, Дејан Томовски – бас и Марко Стојчевски – тапани.

Промо

Албумот насловен „Hello World“ се состои од 8 песни кои жанровски се движат во рамките на алтернативниот рок, а звучат толку зрело, небаре ги компонирал искусен бенд со долгогодишно искуство. Истите се подготвени за само четири месеци, а се снимени и продуцирани од страна на Дени Крстев (Bernays Propaganda, My Tear) во Студио 1060.

Промо

„Она што овие млади луѓе го направија во тој краток период е навистина за восхит, а тоа се големи и неверојатно мелодични песни кои лесно ќе ве заведат со својата питкост и искреност и ќе ве однесат во светот и борбата на убавите, чесните и младите. Станува збор за една борба со силен и невидлив противник, но Stoned Hedge во стил на искусни борци со неверојатна леснотија на сите нас ни покажаа дека со талент и чисто срце може да звучиш и изгледаш светски. Да, драги слушатели и гледачи… тука станува збор за светска класа на трагот на Guano Apes и Portishead. Во нивните песни можете да најдете многу убави и неочекувани нешта како: прекрасни и меланхолични вокали, волшебни и ненаметливи гитари, сонливи и сугестивни бас делници, разбивачки и нежни тапани…и искрени зборови!!! Тие креираа еден убав свет кој повеќе нема да постои само во нивните срца и глави, туку благодарејќи на волшебните мелодии на насмеаните ежиња сите ние можеме да бидеме дел од нивната магија… и да, конечно да се опуштиме и да уживаме“, истакна Васко Атанасовски од „Bernays Propaganda“.

Од денес, „Hеllo World“ е достапен на поголемите дигитални музички платформи како „Spotify“, „Apple Music“, „Amazon Music“, „Deezer“, „Tidal“, „Youtube“, „Bandcamp“. Може да се чуе на овој линк.

Видео на денот