Хеј Шенгени - Слободен печат

Хеј Шенгени

Непрегледно долги се ходниците на Елисејската палата во Париз, па тој малку се задиша додека чекореше до големата одаја, каде претходно му беше објаснето дека претседателот ги прима своите гости. Одеше тој одлучно, осврнувајќи се околу себе гледајќи ги уметничките творби закачени на ѕидовите, кои се донесени од сите делови на земјината топка за да го украсат антре-то на претседателот на француската република.

– Влезете месје Пендаровски – одсечно, но во исто време и многу чувствително му се обрати човекот од протоколот, па тој реши да послуша и пројде низ огромната двокрилна врата која го одведе во една просторија, со димензии на спортската сала „Независна Македонија“, сместена во дворот на ОУ „Невена Георгиевска-Дуња“ во Скопје. Некаде при крајот од собата, со срдечна насмевка стоеше претседателот на Франција, Емануел Макрон, човекот кој пред само три недели го кажа одлучното не, на македонското членство во Европската Унија. Чекореше возбудено нашиот претседател премотувајќи во главата со која интересна премиса да го поздрави неговиот домаќин. Мора да биде нешто неформално, но не и премногу слободно. Конечно тој стигна до Макрон, му ја стисна раката и со блага насмевка процеди.

– Здраво срцка имаш поздрав од Зоки!

– Од кого – зачудено запраша Макрон.

– Нема везе – ја прекина мачната тишина тој – ви благодарам за поканата претседателе.

– Се разбира – весело одговори Макрон, покажувајќи во правецот на празната столица изработена во стилот на Луј 16-ти – месје Пендаровски да седнеме.

Знам дека овој извештај од средбата на Макрон и Пендаровски е објавен еден ден пред нивната дружба да се одржи, но користејќи се со најсовремени средства за гатање, успеавме на нашите читатели да им доловиме дел од атмосферата на состанокот, на кој несомнено во иднина ќе се гледа како на историски.

– Му реков на Вучиќ вчера – љубезно продолжи Макрон – таму на вас доле не ви треба ЕУ, ќе си правите Југославија.

– Мислите мини-шенген – возбудено возврати Пендаровски.

– Да, може и така да се вика – со ѓаволеста насмевка му возврати францускиот претседател – зарем е битно како ќе се вика?

– Па кај нас имињата се најбитни. Ние три децении водевме спор за името Македонија.

– Да, одлично што го решивте тоа, сега ќе немате проблем со интеграцијата.

– Значи нема да му пречите на нашето членство во ЕУ – осоколено запраша Стево.

– Не, мислев нема да имате проблем за членство во Југославија – со истата ѓаволска насмевка на лицето му одговори Французинот.

– Сакате да кажете мини-шенген?

– Да, сакам да кажам – овој пат од лицето на Макрон ја снема насмевката, остана само ѓаволскиот израз – драг Стево да ве прашам нешто, со кого сакате да се идентификувате, со Александар Обреновиќ или со Александар Караѓорѓевиќ?

– Ама зошто би се идентификувал, па и двајцата се убиени во атентат.

– Интересно – подвикна Макрон – истиот одговор ми го даде вчера и Вучиќ.

Вака некако заврши утрешната средба на Макрон и Пендаровски, за која историчарите од иднината ќе тврдат дека била историска.

Во иднина, граѓаните на Југославија односно мал-шенген, живеат во шесте републики и двете покраини, радувајќи се на успесите на своите спортски репрезентации потпевнувајќи ја химната „Хеј Шенгени“.

Прочитај повеќе

Коњски лопатки и лавски клучалки

Бранко Тричковски

Одморени непушачи

Жанета Скерлев

Луѓе со 32 неврона во мозокот

Мирослав Грчев

Бошњаците го прават, Aлбанците го носат, Mакедонците го јадат, што е тоа?

Ерол Шаќири

Атиџе, љубов наша!

Сашо Орданоски

Корупцијата и условите за членство во ЕУ

Павле Богоевски

Остави Коментар

16 − five =

Прочитај повеќе

Владимир од Русија или Путин Грозни

Срѓан Ивановиќ

Може ли ДУИ да извиси?

Љубиша Николовски

Што сакаше, побогу, да каже Мицкоски?!

Сашо Орданоски

Сите ние сме едни просечни македонски ракометари

Сашо Орданоски

Оскар за пчелите

Жарко Јорданоски

Меѓу руската салата, чоканчето и судското чеканче

Џабир Дерала