Хегемонија на фудбалската магија

Бошко Јакшиќ / Фото: МИА

Станувам слеп и глув за сѐ што не се однесува на фудбалот. На телефон едвај да одговарам. Славите, приемите и состаноците закажани за време на преносите не постојат. Ми се лути ќерка ми зошто не го гледам внукот. Кумовите, кои фудбалот не ги интересира, со задоволство ги игнорирам. Трасата на движење на мојата сопруга е прецизно обележана за да не ми поминува пред телевизорот.

Какви самити Г-8 или Г-20! Овој Г-32 сепак е најважен: Светското првенство во фудбал, единствениот настан што е во состојба да маѓепса милијарди луѓе ширум планетата и целосно да го блокира животот во 32 земји учеснички.

Со должна почит, какви се тоа спортови што се играат со рака, што би рекол еден мој пријател, поранешен играч на Партизан. Во фудбалот за играње со рака се свири прекршок. Може ли нешто да се нарекува спорт, а да нема голман ни гол? Во ред, малку претерување, но тоа не ја намалува опсесијата што е цел месец пред нас. Ја имам таа среќа што Србија се пласираше, но тоа нема да ги спречи македонските мажи и понекоја жена да уживаат.

Се спремив за повеќето од 64-те натпревари во осум групи од по четири тима. После нема пропуштање. Телевизорот во дневната соба преоѓа во моја ексклузивна сопственост, далечинскиот е во трезорот на мојот џеб. Од Германците научив да терам тевтонска дисциплина. Станувам слеп и глув за сѐ што не се однесува на фудбалот. На телефон речиси и да не одговарам. Славите, приемите и состаноците закажани во време на преносите не постојат. Ми се лути ќерка ми зашто не го гледам внукот. Кумовите, кои фудбалот не ги интересира, со задоволство ги игнорирам.

Иако мојата сопруга има резервна положба – телевизорот во спалната соба – знам дека е неопходна и во мојот простор за да ми го освежи пијалакот или да ми дотури храна. Трасата на движење е прецизно обележана за да не ми поминува пред телевизорот.

Наспроти сето тоа попуштив. Свесен сум за Сцилите и Харибдите низ кои деновиве поминуваат милиони бракови и на негативниот ефект на Мундијалот врз сентименталните врски. Така се нафатив на пигмалионски проект на Џорџ Бернард Шо.

Забрането коментирање

За да не се чувствува запоставена, за да „поминуваме време заедно“ и за да избегнам развод, мојата Елиза Дулитл ја заплиснав со елементарни лекции од фудбалот. Потоа дури и се согласи да гледаме еден од првите натпревари од Катар. Сѐ во склад со општопознатата навивачка толеранција, патем ѝ соопштив дека може да коментира само на паузата меѓу двете полувремиња. Се подразбира, секако, дека не може да коментира ни во паузата ако тимот за кој навивам губи.

Ме сфати сериозно, иако во паузата меѓу два натпревара имаше обиди да го привлече моето внимание со провокативна прошетка во нови алишта, што го игнорирав од барем две причини: првата, паузата ја користам за да пишувам текстови. Втората, немам време, ако настине, да ја носам на лекар.

Во еден момент на вдахновение, мојата Елиза дури и ме праша кој брани за Еквадор. Како тоа да ѝ е исклучително важно. Веројатно за да ме фасцинира. Следуваше крешчендо: праша дали, кога ќе почне нокаут-фазата, да „фрлаат“ пенали? Да „фрлаат“ пенали?! Бадијала трудот.

Полека ја сфаќав безнадежноста на ситуацијата. Што ако се случи Србија да го изгуби натпреварот против Бразил, кој се игра вечерва? Ќе ме теши во стилот: „Не се нервирај, тоа е сепак само игра“. Што да кажам? Сол на рана. Пат до пеколот поплочен со добри намери.

„Не се грижи, ќе победат следниот пат“, веќе слушам како ме смирува. Како да сум Метузалем, па имам време уште десетпати по четири години да чекам на некое светско првенство Србија да го оствари она што на Хрватите им успеа во 2018 година: да игра во финалето.

Златни трофеи

Како таа/тие да не сфаќаат дека нема да го разбираат фудбалот повеќе од мажите? Го уважувам подемот на женскиот фудбал на светската сцена, но тоа не е тоа. Знам дека ризикувам да бидам обвинет за мизогинија, за блатантно кршење на политичката коректност што се однесува на родовата рамноправност, но кога ќе дојде време на Мундијалот, сѐ тоа паѓа во вода. Спремен сум да одам и на суд ако повикот дојде по одиграното финале.

Дали на Франција ќе ѝ успее она што досега го остварија само Италијанците во 1934 и во 1938 година и Бразилците во 1958 и во 1962 година – да освојат два трофеја на ФИФА еден по друг? Како со титулата ќе се закити Лео Меси на својот веројатно проштален куп за Аргентина, кога беа поразени од Саудијците?

Кој ќе го спречи германскиот „дранг нах велт“, походот на светот? Кој ќе ја запре фудбалската машина на кариоките и на бразилската „жога бонита“, убавата игра? Што ќе направи „ла роха“, црвената шпанска фурија?

Кој ќе ја добие златната топка што му припаѓа на најдобриот фудбалер на турнирот? Кој како најдобар стрелец ќе ја добие златната копачка: Килијан Мбапе, Меси, Хари Кејн, Кристијано Роналдо или Нејмар, еден од деветтемина напаѓачи што ги доведе Бразил? Кој од голманите златната ракавица?

Кој и да победи, дури и ако не сме се согласиле во врска со хегемонијата на фудбалот над другите спортови, несомнено раскажуваме за единствен феномен. Нема таков настан што би успеал на Светскиот куп да му ја украде магијата што ја има.

Сведоштво за миграции

Фудбалот не е само вештина, брзина и храброст, туку и потврда на човечките миграции, спорт што побрзо и поуспешно од Шенген ги урива националните граници. Фудбалот е голема мешавина на народи и раси. Германски Полјаци и Турци. Холанѓани од Суринам. Родени Бразилци што играат за Португалија, а етнички Хрват за САД. Швајцарските избирачи може да чувствуваат одбивност кон имигрантите, ама нивните бои ги бранат етнички Косовци. Да не зборувам за обоените Французи, што се коска во грлото на десничарката Марин ле Пен.

Фудбалот истовремено мутираше во бизнис што врти милијарди на нивоа на кои доминираат неколку корпорации што ги познаваме како клубови, па можно е националниот фудбал што се игра во Латинска Америка да биде послаб од тимскиот во Европа.

Репрезентациите чувствуваат дека нивната сила е немоќна пред транснационалните интереси, но… Она што го задвижува целиот систем е фактот дека фудбалот за навивачите што сега се идентификуваат со своите земји е нешто неекономско. Замислената заедница на милиони луѓе изгледа многу пореално кога на нејзиното чело ќе застанат 11 момчиња во исти дресови.

„Фала Богу што светското првенство е на секои четири години“, ќе биде неизбежен коментар на мојата Елиза кога ќе се одигра финалето. Не баш. Има Премиер лига, шпанска Ла примера, италијанска Серија А, Бундеслига, Лига на шампиони. За полесно да ми помине времето до следното Светско првенство.

Авторот е новинар

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот