Хари за крал, Илчо за сантим

жанета скерлев
фото: Архива/Жанета Скерлев

Во време на тривијалности, посебен акцент повторно беше ставен на принцот Хари и на жена му Меган. Како изгледале, дали се виделе и како се виделе со Вилијам и Кејт, со роднините, со татко му. На социјалните медиуми во Британија, наспроти таблоидите, дури тргна цела кампања дека од сите кралски ликови, тој некако да бил најсоодветен за крал во 21 век, заедно со Меган и со децата, што беше интересно да се следи

Значи човек, т.е. жена, т.е. ќерка, сестра, другарка, комшика, колешка, то ест јас, да не може на одмор да отиде, да се олабави од сите случувања, светски и домашни (во двете доми), а да не се испослучуваат еден куп работи. Не дека не ги следев работите, напротив. Еднаш опсесивна „вестиследачка“, секогаш опсесивна „вестиследачка“, новинарка по „природа и општество“. Но, одмор си е одмор, а ваков, посветен на семејството немав речиси две години, па ете, конечно, дочекав уживанција од Франција па надолу.

Ама како што еднаш ми кажа еден колега, ти Жанета, кога одиш некаде, „свашта се дешава“. Протестирам и обвинувањата на мое име не ги прифаќам. Тоа што премиерот Џонсон откако поднесе оставка ништо не работеше и двапати отиде на одмор, еднаш во Грција, е проблем на неорганизираноста на неговата партија, која се концентрираше да избира меѓу чеканот и меѓу наковалната – па работата заврши со Трас! Не дека не го следев изборот, напротив, ама да ви кажам право, се испозанесоа луѓето и се пријави да биде „калиф наместо калифот“ и куцо и криво и сакато, без намера да навредам ниту едно лице со хендикепираност или со попреченост, ама тоа е кога се избира од мала застоена ториевска баричка, а дебатите беа… што побрзо ги заборавиме, тоа подобро.

Јас, сепак, направив напор за активен одмор и наминав да видам што прават Џонсонови, односно дали е Џонсон Сениор и годинава фрлен на подобрување на семејниот буџет, сега кога синот Борис не е веќе премиер. Тој, Стенли, меѓу другото, одгледува патлиџани во едно селце на Пелион, во Грција, каде што со години има викендичка и каде што има мала британска колонија. Ама ни трага ни глас, ниту од него ниту од патлиџанчињата. Затоа пак узо, ципуро и мезе, фала на прашање, во изобилство.

Смртта на кралицата

И ете, се случи и тоа. Нејзиното Височество, кралицата Елизабета Втора, почина за време на моето отсуство. Нѐ збуни сите. И дома и надвор. Само два дена пред тоа ја видовме како ги дочека стариот премиер, новата премиерка и да, изгледаше кревко и некако уморно, ама сепак нѐ фати на препад. Добро, имаше 96 години и никој не очекуваше таа вечно да живее, ама ми се чини дека многумина се надеваа оти таа барем ќе биде како мајка ѝ, која се упокои на 103 години. Не беше така. Смртта на главната поддршка, сопругот, принцот Филип, како да ја вкопа во место. А не помогнаа ниту скандалите во семејството, посебно со омилениот син Андрју кому му плати 12 милиони фунти да плати на девојка со која, како што тој упорно тврди, немал секс во Соединетите Држави кога и двајцата биле млади и луди, ама таа малку повеќе млада, односно, малолетна, а тој малку повеќе луд, односно разгален. И внукот Хари, кој реши да си замине со сопругата и синот, не можејќи да го издржи цунамито од злоба и напади на сметка на Меган, невидено во поновата историја на ширење омраза од британските таблоиди – кај нив директно и без пардон, во комбинација со социјалните мрежи, а кај таканаречените „сериозни“ медиуми со усовршена вештина да го избришат патосот со вас, а еден лош збор да не употребат.

И потоа дојдоа редиците, километарските редици да ѝ се оддаде почит на кралицата. Катарза на колективна ожалостеност, и покрај тоа што сите беа, поточно бевме, на различен начин допрени од смртта на кралицата која беше тука и со нас од кога знаеме за себе. Не беше ова излив на отворено плачење и на лелекање како кога почина принцезата Дијана, невидено дотогаш на островот, туку воздржано и во стилот на протестантите, по малку и фестивалски – славење на животот на Елизабета Регина, со нас и во добро и во лошо. А редиците, типично британска работа… кога има повеќе од тројца, има и редица, а сега имаше километарска, па чекање со часови, па муабети, па падна и љубов, беше фатен и манијак (каква е таа редица без манијак?), пензионери чекаа по 10 часа, па шеги дека ако можат толку да чекаат во редици да не им се станува во автобусите, па кој чекал од славните и познатите…

Времето на Чарлс

И Чарлс. Кралот Чарлс Трети. Со сопругата Камила, кралицата придружничка. Е Камила, Камила, што ти е живот… дел од таблоидите велат, луѓето ја прифатиле… Прво и прво, кои луѓе? Нешто се случило во мое отсуство? И второ и второ, нема второ… Океј, имаме крал што педесет години се подготвуваше за престолот, кому батлерот му ја стиска пастата за заби на четкичката, кој за мајка му јавно вели „мајче“, кој призна дека ја изневерувал сопругата… ама од позитивна страна ја ожени љубовницата, зборува со растенијата (научно докажано дека било позитивно) и се бори за заштита на човековата околина. Кралот Чарлс Трети, по подолго време маж на чело на британското кралство… ќе биде интересно.

Сите од кралското семејство беа ставени под лупа, од најбизарните работи – Чарлс со пенкалото и мастилото, Кате со ланчето на Дијана, кој плачел, кој трепнал до светските лидери, кој бил поканет, кој не и дали била пропуштена шансата да бидат на едно место и добрите и лошите и верните и неверниците.

Ама во време на тривијалности, посебен акцент пак беше ставен на принцот Хари и на жена му Меган. Како изгледале, дали се виделе и како се виделе со Вилијам и со Кејт, со роднините, со татко му. На социјалните медиуми во Британија, наспроти таблоидите, дури тргна цела кампања дека од сите кралски ликови, тој некако да бил најадекватен за крал во 21 век, заедно со Меган и со децата, Арчи и Лилибет, што беше интересно да се следи.

Добро шоу

И каков и да е вашиот поглед кон спрема монархијата, едно мора да се признае – монархијата знае како да постави направи добро шоу. Големата драма во која бевме вовлечени од 8 септември, како да сакаше да нѐ вовлече во некоја колективна фантазија дека кралското семејство е нешто сосема посебно и е синоним за „британство“, па тоа и успеа на некој начин, зашто децата во школо пишуваа состави на тема кралица, излозите беа полни со слики од кралицата, земјата како да застана за миг да размисли – беше тажно, ама и малку магично.
И така, додека ме прашуваат – и како ви е сега со кралот Чарлс Трети и ми се јавуваат апансас во два попладне на денот на погребот за, „ако не сум зафатена“, да кажам нешто за нечии вести некој саат подоцна, се обидувам да ги искористам последните денови од летото и да уживам во татковината. Онаа првата. Ги игнорирам пластиките и депониите, невоспитаните и нервозните и се концентрирам на планината и на моликите, и на битолските муабети. Аман веќе со вашата кралица, научивме и за гуски и за лебеди и за круни и за дијаманти и за протоколи, се претера работата. Па муабетот сврте на прекарите и од збор на збор, беше спомнат извесен Илче Сантимо. Оти „сантимо“? Оти еден сантим му фалел за да биде два метра…

Видео на денот