Хант: ЕК да ја преиспита одлуката за блокада на извозот на вакцини за Австралија

АстраЗенека Фабрика
Фабриката на АстраЗенека/ Фото: EPA-EFE/DAN HIMBRECHTS AUSTRALIA AND NEW ZEALAND OUT

Официјална Канбера побара од Европска Комисија (ЕК) да ја преиспита одлуката со која е блокиран извозот на вакцини против ковид-19 на „АстраЗенека“ во Австралија. ЕК и Италија вчера ја блокираа испораката на околу 250.000 дози вакцина на „АстраЗенека“ на Австралија откако производителот не ги исполни обврските од договорот со ЕУ.

– Австралија го покрена прашањето со ЕК преку неколку канали и посебно побара да се преиспита одлуката, изјави австралискиот министер за здравство Грег Хант.

Тој додаде дека Австралија веќе добила 300.000 дози вакцини на „АстраЗенека“ и оти не е загрозен процесот на имунизација. Во Австралија пред две недели почна вакцинацијата на медицинските работници и повозрасните граѓани со вакцината на „Фајзер“/„БајонТек“.

Претходно, „АстраЗенека“ побара дозвола од италијанските власти за извоз на 250.000 дози од фабриката Анагни во близина на Рим, но италијанската Влада одби да издаде дозвола, а ја поддржа ЕК.

Европска Унија за првпат ја користи можноста за забрана на извоз на вакцини против ковид-19.

Унијата во јануари воспостави регистар за следење на извозот на вакцини во рамки на меѓусебниот спор со британско-шведскиот производител, со цел да се следи дали компанијата ги исполнува своите договорни обврски кон ЕУ.

Тој механизам им дозволува на властите во одделни земји-членки на Унијата, во консултација со ЕК, да блокираат извоз кон локација надвор од ЕУ доколку блокот смета дека производителот не ги исполнува обврските кон него.

„АстраЗенека“ сè уште не ги испорачала во ЕУ ветените дози на вакцини, а предвидените испораки од 80 милиони двојно ги намалила на 40 милиони дози, со образложение дека се соочува со проблеми во производството.

Поради сомнеж дека вакцините произведени во ЕУ им се продаваат на земји надвор од Унијата, воспоставен е регистар за следење на извозот на вакцини.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот