Хандке и злосторствата на Балканот

ивица челиковиќ
Ивица Челиковиќ. / Архива на Слободен печат

Во протест против поддршката на Петер Хандке на политиката на Слободан Милошевиќ, амбасадорите на Косово и Албанија на Нобеловиот ден, 10 декември, не присуствуваа на церемонијата на врачување на Нобеловата награда во Стокхолм на познатиот австриски писател. Вообичаено, на церемонијата се поканува целиот дипломатски кор во шведската престолнина.

Протестите против Хандке и одлуката на Шведската академија да му ја додели Нобелова награда не престануваат. Литературата станува жртва на политиката, или можеби обратно. Дилемата добива на тежина. Конфликтот околу најзначајната литературна награда, според многумина, само уште повеќе ја разниша довербата во Академијата, бидејќи наградата за Хандке е дочекана како контроверзна поради неговите дубиозни ставови во однос на воените злосторства на Балканот.

Против изборот на Хандке за Нобелов лауреат протестираше и Министерството за одбрана на Турција. Претходно се слушнаа и жестоки реакции од организацијата „Мајки од Сребреница“, а меѓу другите протестираше и американскиот ПЕН Центар, нагласувајќи дека се зачудени и „занемеле“, бидејќи Хандке го исползувал своето место во јавноста за „премолчи историски вистини“.

Соочен со интензивни и остри критики, самиот Хандке во неколку наврати се обиде да ги објасни своите гледишта во однос на обвинувањата дека давал поддршка на српскиот национализам во балканските војни. На прес-конференцијата деновиве по пристигнувањето во Стокхолм, резигнирано им возврати на новинарите дека нема да дава одговори на „празни прашања“, а претходно дури и се закани дека ќе ги прекине сите контакти со медиумите. Сепак, во ексклузивното интервју за Шведската телевизија, ја коментираше обемната критика против него. И во оваа пригода, Хандке децидно ги отфрли обвинувањата дека ги негирал масовните убиства на 8.000 босански Муслимани во Сребреница, нагласувајќи дека попрво би го употребил зборот „братоубиство“, а не геноцид. „За мене братоубиство е многу полошо. Тоа е мој збор како писател. Не можам да користам зборови како ‘правно’ лице, не сум судија“.

Хандке се повикува на цитат од негов пријател дека „во оваа војна сите оделе на трње“. Според критичарите, да се гледа на тоа што се случило во Сребреница токму во таков контекст, како на дел од граѓанска војна, е нешто што го релативизира геноцидот. Но Хандке смета дека релативизирањето не значи дека нешто се ослабнува. „Да се тргне од апсолутното и да се стави едно нешто во релација на нешто друго“, смета Хандке, „понекогаш може да биде мошне поживо. Неправдата така станува мошне многу посфатлива“. Да се релативизира, според негово мислење, не е да се негира.

Според постојаниот секретар на Шведската академија, Матс Малм, нема основа да се смета дека Хандке во своето литературно творештво поддржува воени злосторства и геноцид, или дека на некој начин оправдува крвопролевање. Но, едновремено, многумина во острата дебата околу Нобеловата награда и Хандке се обидуваат да го наметнат и класичното прашање: зошто писателот е често изгубен во политиката?

Петер Хандке, всушност, не е првиот писател од недискутабилен формат, чии политички сфаќања се оспоруваат. Уште еден пример на Нобеловец, англискиот драмски писател Харолд Пинтер, беше напаѓан поради неговата емпатија за политиките на Милошевиќ. Но во некои коментари се оди дури и до чудни споредби со уште еден Нобеловец, Кнут Хамсон, добитник на наградата во 1920 година. На 7 мај 1945 година, Хамсун објавил краток некролог за Адолф Хитлер на насловната страница на норвешкиот весник „Афтенпостен“: „Тој беше воин, воин за човештвото и апостол на евангелието за правата на сите нации“. Некролог што секако може да се смета за криминален кич. Сепак, Кнут Хамсун бил и останал најзначаен норвешки писател на 20 век.

Можеби најмалку политички коректно што еден писател го направил по Хамсуновиот некролог за Хитлер, како што некои сметаат, е говорот на Хандке на погребот на поранешниот српски претседател Слободан Милошевиќ. Но сега не се неговите политички ставови кои се наградени, туку литературата на еден од најзначајните стилисти на денешницата, со романи како „Мигот на вистинското чувство“, „Голмановиот страв од пеналот“ или „Приказна за еден живот“. Неговата истражувачка потрага и бавното набљудување може да се сфатат како чин на отпор и противење во еден свет во кој животното темпо е забрзано до излудувачки ритам.

Европа се наоѓа во турбулентно време, во кое Хандке се обидува да најде патишта кон душата и историјата на ранливиот континент. Оттаму, и многубројните потестувања во медиумите за неговите политички сфаќања и толкувања на воените конфликти на Балканот од поновата историја, кои повторно ги актуализираа недоразбирањата и исклучивоста на балканските национализми.

„Злосторствата никогаш не смеат да се заборават, да се подвлече линија, нити да се релативизираат“, рече Ангела Меркел деновиве кога го посети поранешниот концентрационен логор на Третиот рајх во Аушвиц и истакна дека тоа што се случило во Аушвиц човечкиот ум не може да го разбере.

Потсетувањето на злосторствата подразбира голема одговорност, која никогаш не треба да престане, но прашање е дали сега или во догледна иднина, според примерот на германската канцеларка и нејзиниот говор во Аушвиц, би можело да се очекува посета и потсетување на масовните злосторства во Јасеновац од страна на некој хрватски лидер, или пак во Сребреница од страна некој српски лидер.

Што се однесува до Петер Хандке, тој релативизирањето не го смета за свесно негирање, туку верува дека може да се согледа и од аспект на засилување, а не првенствено како редуцирање и ослабнување на фактите и историските вистини.

А во еден поширок контекст на потсетувањата за катастрофите на подрачјето на поранешна Југославија, често се укажува дека национализмите на Балканот сè уште се шират како концентрични бранови од трагичните конфликти, масовните страдања и прогони во 90-тите години.

Најновото потсетување беше актуализирано по одбивањето на францускиот претседател Макрон да даде зелено светло за почеток на преговорите за членство во ЕУ на Македонија и Албанија, кое многумина го нарекоа „историска грешка“. Тоа, секако, отвори можности за заземање поистурени позиции од страна на радикалните струи, кои знаат да го користат мигот на обесхрабрување на силите што во мултинационалната заедница и меѓународната соработка, каква што е ЕУ, гледаат и најсигурна заштитна брана против националистичките бранувања што го заплиснуваат овој дел на Европа.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот