Хан: Уверен сум дека одлуката ќе се донесе во октомври

Фото: Драган Митрески/Слободен печат

Уверен сум дека одлуката за почеток на пристапните преговори ќе биде донесена во октомври, некогаш мора и ЕУ да испорача вие вашето го направивте, рече еврокомесарот Јоханес Хан по средбата со Заев и министрите.

– Република Северна Македонија заслужува во октомври да добие зелено светло за почеток на преговорите за членство во ЕУ поради сето она што го направи изминатите години во спроведување на реформите, со Договорот од Преспа, но и Договорот за добрососедство со Бугарија. За тоа да се реализира, потребно е и натамошно спроведување на реформите особено во делот на овозможување на владеење на правото преку усвојување на законот за јавно обвинителство и бескомпромисна борба против корупцијата и криминалот. Притоа, сите политички чинители треба да ја имаат предвид иднината и интересите на граѓаните и државата, порача еврокомесарот за соседска политика и проширување – рече Хан.

Тој рече дека жали што одлука не е донесена уште во јуни, но уверен е дека земјите членки ќе дадат зелено светло во октомври.

– Северна Македонија работеше вредно и време е ЕУ да ги исполни своите обврски. Некогаш мора и ЕУ да испорача, а не само вашата земја. Но, затоа неопходно е да се продолжи со натамошно спроведување на реформите. Сите ние сме свесни и јас сум уверен дека во октомври ова ќе биде завршена работа.Затоа немам други чувства и размисли во врска со тоа. Но, навистина уверен сум дека ќе добиете зелено светло и вендаш ќе може да започнеме со преговорите – рече еврокомесарот Хан.

Хан побара земјата да продолжи да испорачува особено ставајќи акцент на донесувањето на Законот за со кој се решава иднината на СЈО.

-Тоа е национална цел и сите во државата треба да сфатат дека треба да работат на ова. Секако, постојат дискусии и преговори, но ова сметам дека сите треба да бидат свесни за конечната цел  и за судбината на државата. Се надевам дека сите ќе ги поддржат неопходните мерки кои допрва треба да бидат преземени со цел да се постигне она што многумина од нас сакаат да го видат, а тоа е зелено светло за почеток на пристапните преговори – рече Хан.

Мора, смета Хан, да продолжат напорите во оваа област и да се покаже нула толеранција во борба против корупција и организираниот криминал. Земјите членки, додаде, го гледаат овој процес одблиску, но тоа што се прави е пред се за доброто на граѓаните. Владеењето на правото е потребно за тие да имаат доверба во институциите, но и земјата да биде стабилна и политички и економски.

-Она што е клучно за октомври е да се усвои законот за јавно обвинителство кој нуди важни гаранции за владеење на правото. Сега е време сите политички страни да покажат одговорност се во интерес на иднината на државата и граѓаните. Сите треба да бидат фокусирани на октомври, да ги испорачаат потребните реформи и да дадат дополнителен стимул на државата. Во регионот е потребен овој позитивен сигнал да ја вратиме во живот ЕУ перспективата за државите во регионот. Затоа постои регионална, покрај државна одговорност и сите треба да бидат свесни за можноста, но и одговорноста – потенцира Хан.

Хан ќе се сретне и со Мицкоски и Ахмети, а ќе руча со Пендаровски. Од земјава Хан оди за Белград.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот