Хан: ЕК ќе препорача отворање на преговорите со Северна Македонија

фото:ЕPA EFE/STEPHANIE LECOCQ

Еврокомесарот за проширување и соседска политика Јоханес Хан изрази увереност дека Европската Комисија кон крајот на мај ќе препорача отворање на преговорите со Северна Македонија и со Албанија.

Во интервју за „Ханделсблат”, Хан вели дека  препораката ќе биде донесена врз основа на критериумите заеднички договорени од страна на земјите во ЕУ. Одлуката потоа ќе биде предадена на самите членки.

Хан нагласува дека Скопје и Тирана го заслужија отворањето на преговорите, што беше одложено во јуни минатата година.

– Историскиот договор за ставање крај на спорот за името со Грција и договорот за пријателство со Бугарија се охрабрувачки сигнали до целиот регион дека се можни решенија за долготрајните спорови. Северна Македонија исто така постигна добар напредок кога станува збор за внатрешните реформи. Земјата заслужува зелено светло за почеток на пристапните преговори што е можно порано – пред летната пауза – изјави Хан.

Што се однесува до Албанија, комесарот Хан верува дека земјата, исто така, заслужува почеток на преговорите поради внатрешните реформи, особено реформата во судството, но оти треба да се справи со проблемите со корупцијата и организираниот криминал.

– Непризнавањето на објективно постигнатиот напредок би имало драматични последици за земјите-кандидатки и целиот регион … Каква мотивација ќе имаат  земјите од Западен Балкан да спроведат тешки реформи или да ги решат билатералните спорови, како онаа меѓу Србија и Косово, ако не можат да направат понатамошни чекори на патот кон ЕУ – забележува Хан во интервјуто за „Ханделсблат”.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот