Хамнеи вели дека Иран не им се лути на Европејците: Со земјите што не ја следат слепо Америка, може да соработуваме

Фото: EPA

Иранскиот врховен водач, ајатолахот Али Хамнеи, изјави дека Иран не е лут на Европејците и дека е подготвен да соработува со „земјите кои не ги следат слепо САД“.

Во говорот одржан во светиот град Машхад на првиот ден од новата година според иранскиот календар, Хамнеи ја критикуваше Америка, обвинувајќи ја дека го поттикнува протестното движење што го потресе Иран по смртта на младата Махса Амини во полициски притвор лани во септември.

„Западот вршеше притисок Иран да биде изолиран, но се случи спротивното. Нашите односи со Западот ослабеа, но нашите врски со Азија се зајакнаа 100 отсто, а на агендата е и воспоставувањето силни односи со Латинска Америка и Африка“, рече тој пред неколку илјади луѓе во храмот на имамот Реза.

„Ние сепак не сме им лути на Европејците и подготвени сме да соработуваме со сите европски земји кои слепо не ја следат американската политика“, додаде тој.

Земјите-членки на Европската унија и Обединетото Кралство во последните месеци го критикуваа задушувањето на протестите во Иран кои започнаа по смртта на Махса Амини (22) на 16 септември. Иранката со курдско потекло почина откако беше уапсена од моралната полиција во Техеран поради кршење на строгите правила за облекување.

Според властите, стотици луѓе, меѓу кои и припадници на безбедносните сили, загинале во тие протести, кои стивнаа во последните недели. Како и во јануари, Хамнеи нагласи дека властите успеале да го поразат заговорот што ги предизвикал немирите во кои учествувале „мал број Иранци“.

„Непријателите на Иран сакаат промена на режимот и воведување на лажна демократија во западен стил за да ја контролираат земјата и да ѝ ги одземат ресурсите“, рече тој.

Хамнеи нагласи и дека Иран не се меша во конфликтот во Украина. Некои земји го обвинуваат Техеран дека ја поддржува Русија, првенствено снабдувајќи ја со беспилотни летала.

„Ние на никаков начин не учествуваме во таа војна што ја започнаа САД, чии фабрики за оружје профитираат најмногу“, рече тој.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот