Хамилтон: Се надевам дека „Ред Бул“ нема да биде 30 секунди пред сите

Формула 1 возачот на „Мерцедес“, Луис Хамилтон, денеска изјави дека тимот на „Ред Бул“ е апсолутен фаворит за победа на претстојната трка во шампионатот, која ќе се одржи на Јапонското Гран при овој викенд, пренесува „Би-Би-Си“.
Возачите на „Ред Бул“, Макс Ферстапен и Серхио Перез победија на дури 14 трки во Ф1 шампионатот оваа сезона. Доминацијата на „Ред Бул“ ја прекина минатата недела возачот на „Ферари“, Карлос Саинц, кој триумфираше на трката во Сингапур.
– Се надевам дека Ред Бул нема да биде 30 секунди пред сите како што се случуваше во минатото. Имаа тежок викенд, но нивниот болид треба да биде одличен во следната трка. Имаат одличен ритам во текот на годината, а Јапонија навистина им одговара – рече Хамилтон.
Британецот истакна дека „Мерцедес“ сака да се доближи што е можно поблиску до „Ред Бул“ до крајот на шампионатот.
– Што се однесува до нас, сакаме да бидеме што е можно поблиску до „Ред Бул“. Има работи што ги подобривме и очекувам тој тренд да продолжи – вели Хамилтон.
Трката за ГП на Јапонија се вози во недела на патеката Сузука од седум часот по средноевропско време. Моментно на табелата кај конструкторите води „Ред Бул“ со 597 поени, далеку пред „Мерцедес“ кој има 289 на втората позиција, а трет е „Ферари“ со 265.