Халеп и Рибакина ќе играат во полуфиналето на Вимблдон

Симона Халеп/фото: EPA-EFE/KIERAN GALVIN

Романската тенисерка Симона Халеп и Елена Рибакина од Казахстан ќе играат меѓу себе во полуфиналето на Вимблдон. Халеп во два сета ја победи Американката Аманда Анисимова, додека Рибакина со 2:1 во сетови славеше над Ајла Томљановиќ.

Романката игра фантатично откако почна да работи со поранешниот тренер на Серена Вилијамс, Патрик Муратоглу и во четвртфиналето за само 65 минути игра со 6:2,6:4 ја победи Американката со руско потекло Аманда Анисимова.

Интересно е што ова беше 12 победа по ред за Халеп на Вимблдон, таа е шампионка од 2019 година, а во 2020 не се играше најпрестижниот тениски турнир поради пандемијата на коронавирусот, додека минатата година не настапи поради повреда.

Ова воедно е деветто гренд слем полуфинале во кариерата, а трето на Вимблдон и за пласман во финалето ќе игра токму против Рибакина.

Халеп уште од самиот старт на мечот наметна свој ритам и во првите три сервиси на Анисимова, направи два брејка и во осмиот гем ја искористи првата сет топка.
Во вториот сет, Романката имаше водство од 5:2, но и дозволи на противничката да направи еден брејк, но сепак се созеде точно на време за да слави со 6:4 во вториот сет што значеше пласман во полуфинале.

Рибакина со пресврт ја совлада Томљановиќ и тоа со 4:6,6:2,6:2 за нешто помалку од два часа игра.

Ова е прво гренд слем полуфинале во кариерата на Казахстанката Рибакина која е родена во Москва и која до 2018 година играше под руско знаме.

Видео на денот