Хајредини прашува зошто САД не кажуваат кои македонски политичари примиле поткуп од „Маѓар Телеком“

Поранешниот министер за финансии Џевдет Хајредини преку социјалните мрежи ѝ постави прашање на американската амбасадорка Анџела Агелер во врска со случајот со „Дојче Телеком“.
„По интервјуто на ТВ Алсат, едно прашање до амбасадорката на САД, госпоѓа Анџела Агелер: Толку ли е тешко во окружниот суд на Њујорк да прашате кои се политичарите, високи државни функционери на Македонија, на кои директорите на Дојче Телеком и Маѓар Телеком, им исплатиле повеќе милиони евра мито, за што судот и ги осудил?“, пишува Хајредини.
Изминатава недела, Основниот кривичен суд Скопје денеска ја објави првостепената пресуда за предметот „Маѓар Телеком“, со која тројца поранешни директори на македонската подружница на компанијата, Македонски Телеком, беа осудени во отсуство на по осум години затвор.
Овој случај е дел од корупцискиот мегаскандал со компанијата-мајка, „Дојче Телеком“ и нејзината подружница „Маѓар телеком“. Беше утврдено дека компаниите платиле вкупно 12 милиони евра поткуп на политичари во Македонија и Црна Гора во периодот 2000-2006 година, во замена за донесување прописи и закони кои му овозможиле на телекомуникацискиот гигант повластена положба на пазарите во двете земји. Компанијата за ова беше истражувана во САД, каде случајот се реши уште во 2011 година, со спогодба со компанијата, која плати 95 милиони евра.
Во Македонија, судскиот процес траеше 12 години, а иако имаше многу шпекулации, никогаш не се откри на кои политичари им исплаќале поткуп осудените директори на „Маѓар Телеком“.