„Хајл драга, дома сум“, урнебесна комедија за животот и делото на Адолф Хитлер

принтскрин/Youtube

„Хајл драга, дома сум“ е името на ситкомот (ситуациска комедија), кој публиката никогаш не го виде, а главен лик е Адолф Хитлер.

Ова не е првата, ниту последната комедија во која се опишува ликот и делото на лидерот на Третиот рајх, но е единствената која предизвика огромен број негативни реакции. Ремек-делото на Чарли Чаплин – „Големиот диктатор“, премиерно беше прикажано во киносалите уште во 1941 година, додека Европа беше поробена од германската војска и кога наголемо се спроведуваше монструозното „конечно решение“ за т.н. еврејско прашање. Минатата година го проследивме и одличниот филм „Зајакот Џоџо“, со Скарлет Јохансен во главната улога.

Тука Хитлер е имагинарниот пријател на едно младо дете, кое се обидува да ги издржи предизвиците на кампот за воена обука на „Хитлеровата младина“. Во овој филм Хитлер е забавен, весел и непосреден. Многу различен од историскиот лик. Но, затоа ситкомот од 90-тите години од минатиот век не успеа да се емитува, поради контроверзијата што ја предизвика.

Во 1990 година на еден британски сателитски канал беше прикажана првата епизода од серијата – „Хајл драга, дома сум“, а иако гледаноста беше минорна, медиумите од целиот свет веднаш почнаа наголемо да пишуваат за новиот ситком, а негативните реакции експресно го прекинаа натамошното емитување.

Авторот на серијата е славниот британски сценарист Џеф Аткинсон, кој вели дека и по 30 години од контроверзниот ситком, сѐ уште, во секое интервју добива барем едно прашање за „Хајл драга, дома сум“.

Станува збор за една од оние серии што беа откажани веднаш по премиерата, но и натаму добивам голем број на прашања за шоуто, многу повеќе од се друго што имам направено. Секој има мислење за серијата. Но, тоа не треба никого да изненадува, бидејќи серијата е за Адолф Хитлер, кој е прикажан во домашна атмосфера – вели авторот.

Но, во снимените епизоди не е опишана никаква тривијализација на Втората светска војна, нападот на Полска или логорите на смртта. Тука Хитлер е семеен човек, кој живее со својата сопруга Ева Браун и е постојан вербален конфликт со соседите, кои за волја на вистината се презиваат Голдштајн.

– Шоуто беше направено за да предизвика контроверзија и ја постигна. Сепак, не се надевавме на толку силни реакции. Уште пред да биде снимена првата епизода, нѐ контактираа од еден еврејски весник, а потоа почнаа да се јавуваат од сите страни. Во „ЛА тајмс“ излезе еден коментар, каде што авторот отворено прашуваше „дали сме подготвени за ваков ситком“ и на крајот продуцентите беа приморани да ја откажат серијата.

Од најголемата британска еврејска заедница, во 1990 година беше издадена реакција на првата епизода.

– Ние сме против секаква тривијализација на Втората светска војна, на Хитлер и на холокаустот. Серијата е премногу навредлива – се велеше во дел од соопштението.

Но самиот автор вели дека воопшто немал намера да го романтизира Хитлер, туку да го претстави во едно понижувачко светло, но во исто време да ги казни и своите сонародници, кои долго време знаеле што прави тој, а не се осмелиле да го предизвикаат.

Размислував како да се справам со ликот на овој насилник. Мислев дека ќе биде добро да го претворам во слабак. Сакав да го уништам еднаш за секогаш, со тоа што ќе го претворам во шега. Но, овој ситком е и за нас Британците, бидејќи нашите тогашни водачи добро знаеја каква е неговата агенда, но сепак му дозволија да ја пороби Европа, без голем отпор од наша страна – додава Аткинсон.

Главната улога во серијата ја толкува Нил Меккол, кој го портретира Хитлер на чист њујоршки акцент. Типично за секој ситком од тоа време, Хитлер е во перпетуална неволја со својата сопруга, која има многу незгоден карактер, а најмногу ѝ пречи што соседите Евреи се далеку подобро ситуирани од нив.

Актерката Каролин Грубер го игра ликот на Роса Голдштајн, сосетката на Хитлерови. Таа открива дека на почетокот ѝ била понудена улогата на Ева Браун.

Ми ја понудија улогата на Ева Браун, но морав да ја одбијам понудата, бидејќи сум Еврејка. Ја сакав улогата на Роса. Во моите вени тече крв која 2.000 години е цел на погроми. Затоа мислам дека секој лик на Евреин, треба да биде толкуван од еврејски актери – вели Грубер.

Снимени се вкупно осум епизоди од серијата, но седум од нив никогаш не се прикажани.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот